Вашингтон и Москва со различни ставови за иднината на УНМИК

На видеоседницата на постојаните членки на СБ на ОН за Косово што се одржа во средата вечер, и покрај различните ставови на членките на Советот за иднината на УНМИК, Специјалниот суд за злосторства на ОВК и сл., повеќето од нив сепак беа согласни да се продолжат преговорите меѓу двете страни со зголемен интензитет

Попречувањето на работата на Специјалниот суд за злосторства на ОВК, иднината на мисијата на ООН на Косово и преговорите меѓу Белград и Приштина беа главните теми што доминираа на завчерашната видеоседница за Косово на постојаните членки на Советот за безбедност, одржана во Обединетите нации. На седницата по повод разгледувањето на новиот шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за работата на УНМИК, претставникот на САД, Шерит Норман Шале, меѓу другото го поздрави, како што рече, „историскиот договор“ меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти во Белата куќа за нормализирање на економските односи меѓу Белград и Приштина. Сепак, како што пренесува РТС, видеоседницата за Косово минала и со опструкции, пофалби, но и со остри предупредувања. Според српскиот национален медиум, САД и Германија на состанокот истакнале дека сакаат да ја преиспитаат иднината на УНМИК, додека Русија жестоко се спротивставила на тоа. Во исто време, на седницата Србија побарала да се спроведат постигнатите договори, додека Приштина го обвинила Белград за попречување на приемот во меѓународни организации. За време на дискусијата, американската заменик-амбасадорка во ООН, Норман Шале, рече дека е време да се намали мисијата, чиј годишен буџет е околу 30 милиони долари, во што таа беше поддржана од претставникот на Германија, Кристоф Хојсген. На ваквата идеја, која вклучува драматично намалување на мандатот и бројот на УНМИК, силно се спротивстави рускиот амбасадор во ООН, Василиј Небензја, кој рече дека „Москва го смета УНМИК за клучна меѓународна мисија на Косово“.

– Ги гледаме обидите на Приштина да ја истурка мисијата на ООН од Косово – рече рускиот амбасадор, поздравувајќи ги обидите на претставниците на ЕУ и Мирослав Лајчак да постигнат напредок кон договор во разговорите Белград -Приштина.
Во исто време, но малку поблаго отколку што беше наведено во извештајот за Косово што претходно им беше распределен на амбасадорите на членовите на Советот за безбедност, шефот на УНМИК, Захир Танин, предупреди за проблемите со кои се соочува Специјалниот суд за злосторства на ОВК. Претставникот на генералниот секретар на ООН, без да ги именува виновниците, исто така рече дека „одредени“ политички лидери водат кампања против судот. Во извештајот, кој пред десетина дена им беше поделен на амбасадорите на земјите-членки на Советот за безбедност, се наведува дека кампањата против овој суд ја водат косовскиот претседател Хашим Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели. Танин исто така потсети дека, по тие настани, Специјалниот суд ги објави предлозите за обвиненија против Тачи и Лимај, како и дека три лица засега се во притвор на судот чие седиште е во Хаг.
Паралелно на ова, рускиот амбасадор Небензја реплицира дека се чека сериозна истрага за злосторствата извршени на територијата на Косово од 2012 година што се наведени во извештајот на Дик Марти.

– Загрижени сме за низата скандали околу документите што протекоа од Специјалниот суд за да ги задоволиме интересите на локалните политичари – рече рускиот дипломат.
Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ предупреди дека Приштина со години се обидува да ги ограничи активностите на судот, па дури и да го укине.
– Актуелниот претседател на т.н. Косово силно се обидува да ја попречи работата на судот за да се избегне обвинение – рече Дачиќ.
По вжештената дискусија во ООН, заменик-амбасадорката на САД посочи дека, и покрај сѐ, вистински историски настан била средбата во Белата куќа, кога Александар Вучиќ и Авдулах Хоти покажаа неверојатна решителност и направија чекор кон посветла иднина.

– Договорот е основа за напредок во времето што доаѓа. Целосното нормализирање е заедничка цел на ЕУ и САД. Ние продолжуваме силно да го поддржуваме дијалогот под покровителство на ЕУ – истакна американската амбасадорка Норман Шале.
Таа додаде дека се преземени значајни обврски во Белата куќа на оваа тема и администрацијата внимателно го следи спроведувањето на овој договор, при што додаде дека Вашингтон е конкретен пример за тоа како помирувањето носи конкретни придобивки. Инаку, следната седница на Советот за безбедност за Косово ќе се одржи за шест месеци.