Бронзената статуа на Александар Велики на коњ го дочека поставувањето во центарот на Атина, во близина на плоштадот „Синтагма“, безмалку три децении откако еден од најпознатите грчки скулптори Јанис Папас, ја заврши нејзината изработка, пренесуваат грчките медиуми.

Градските служби вчера забрзано работеле на поставувањето на статуата на коњаникот врз грантитната основа – со името на Александар од едната страна и името на скулпторот од другата страна, откако претходно го менуваа изгледот на околниот простор. Работата била изведена во брзање за да биде завршена пред почетокот на туристичката сезона, бидејќи локацијата е популарна меѓу странските гости.

Статуата е висока 3,8 метри и зазема 3,4 метри во ширина. Александар Велики не носи оружје и претставен е на млада возраст.

Критичарите на власта велат дека целта на поставувањето на статуата претставува смирување на незадоволството предизвикано од Преспанскиот договор, по што опадна и поддршката за владејачката партија, во северна Грција.

Прашањето за статуата стана актуелно во раните 90-ти години на минатиот век, во екот на спорот за името помеѓу Македонија и Грција, но Папас го почна дизајнирањето на неговото дело во 1941 година, а леењето во 1973 година.

Споменикот беше изложен во Националната галерија во 1992 година, на почетокот на кризата со спорот за името, а набргу беше откупен од државата, кога Дора Бакојани беше министерка за култура во владата на нејзиниот татко Константин Мицотакис.

Дел од јавноста веруваше дека застојот за поставувањето претставува прифатлива национална отстапка за изнаоѓање на решение за спорот со Македонија, но проектот бил оптоварен од одредени несогласувања, вклучувајќи ги приговорите на грчката Археолошка служба, на градските власти, но и на самиот скулптор. Државата потоа ја донирала скулптурата на градот Атина во 2002 година, по што биле разгледувани повеќе локации за нејзино поставување, кое беше реализирано вчера.