Фото: European Commission /Твитер

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Брисел изјави дека доколку повторно биде избрана на таа функција, ќе биде силен поддржувач на проширувањето на ЕУ на Западниот Балкан.

На прес-конференција во Брисел, таа рече дека отсекогаш била „силен поддржувач на проширувањето“, како и дека таа „многу јасно стави до знаење дека тоа е процес заснован на заслуги“.

– И натаму инсистирам на тоа, но добро е да се види како Западниот Балкан, но и на пример Украина и Молдавија, прават се што е можно за да ги спроведат потребните реформи и да напредуваат кон Европската унија. Така, се разбира, во потенцијалниот следен мандат ќе ме најдете како силен поборник за проширување на Западниот Балкан – рече Фон дер Лајен.

Таа рече дека во тек е процесот за детално да се елаборира Планот за раст со шест партнери од Западниот Балкан за тоа кои реформи се поврзани со кој тип на инвестиции и каков е пристапот на единствениот европски пазар.

– Работата оди многу добро. Има голем интерес и голем ентузијазам во земјите од Западниот Балкан. Во моментот кога ќе завршиме со основните принципи, првата исплата може да тече – рече Фон дер Лајен.

Таа нагласи дека Планот за раст за Западниот Балкан е „многу јасна порака“ на процесот на проширување.

– Имаме средства, тоа е многу важно – порача Фон дер Лајен.