Плановите за наплаќање во моментот се насочуваат само кон брзите полначи, кои треба да се постават во следниот период, велат од ЕВН/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според податоците што ги собра лондонски „Блумбер њу енерџи фајнанс“ (БНЕФ), просечната цена според волуменот за киловат-час за стандардно литиум-јонско батериско пакување се намали на 137 долари во 2020 година, што е пад за 13 отсто од 157 долари во 2019 година. Пред една деценија, овие батерии се продаваа за неверојатни 1.191 долар за киловат-час. Најскапиот дел од батериското пакување се всушност литиум-јонските ќелии. Најчесто се составени од графитна анода (негативна) и катода од литиум метал оксид (позитивна).
Истражувачите во „Тесла“ открија дека литиум-јонските ќелии „НМЦ532“ имаат капацитет да издржат повеќе од 1,6 милион километри. Сепак, едно вакво батериско пакување содржи околу осум килограми литиум, 53 килограми никел, 20 килограми манган и 14 килограми кобалт.
Аналитичарите од БНЕФ очекуваат производителите на батерии да дојдат до 101 долар за киловат-час. Првпат, БНЕФ откри дека батерии за електрични автобуси во Кина веќе се продаваат по цена од 100 долари за киловат-час. „Тесла“ плаќа просечно 115 долари за киловат-час за батерии, што е помалку во однос на ланската цена од 128 долари.