Еден од поинтересните концепти за поефикасна заштита на планетата од ефектот на стаклената градина неодамна беше претставен во јавноста во форма на фабрика во Исланд, која најави дека ќе произведува камења од штетните гасови во воздухот. Ваквата иновација медиумите ја окарактеризираа како триумф на науката врз политиката во време кога светот се обидува да се справи со глобалното затоплување

Триумф на науката врз политиката

Додека светот се бори да го спречи катастрофалното глобално затоплување, науката веќе започна да наоѓа решенија за подобрување на светската еколошка слика. Во период кога политичарите немаат јасна визија за тоа како да се намалат загадувањето и затоплувањето на воздухот и почвата, иноваторите од Швајцарија ја изградија првата геотермална централа „Хелишеиди“ во југоисточен Исланд, која ќе го заробува загадениот воздух и ќе го претвора во камења.
Имено, како што пренесува „Ал џезира“, научниците изминативе години создале технологија што е инсталирана во „екофабрика“ со која директно ќе се вшмукува јаглерод диоксидот од воздухот и потоа, преку процес на хемиска декарбонизација, ќе се претвора во карпи и песок. Ваквата иновативна технологија за заробување загаден воздух (ДАЦ) сè повеќе ја разгорува имагинацијата кај државите, наведува медиумот, во услови кога планетата е пред сериозен ризик од климатски промени.
Според „Ал џезира“, швајцарскиот стартап „Клајмворкс“ е фирмата што ја изградила постројката за прочистување на воздухот во Исланд, сместена на оддалеченост од околу 30 километри од главниот град Рејкјавик.
Објектот е направен од осум контејнери, наредени во парови, слични на оние што се користат во поморскиот транспорт, кои преку перки на колекторот за прочистување го вовлекуваат амбиенталниот воздух, го прочистуваат и подоцна преку вентилаторите го испуштаат на задната страна од фабриката. Насобраниот јаглерод диоксид потоа се компресира во течност, која подоцна со употреба на хемиски состојки се претвора во цврст материјал, односно камења и песок.

Го заробува јаглерод диоксидот со голема прецизност

Проектниот менаџер на проектот Лукас Кауфман образложи дел од иновациите применети во целиот процес. Тој за медиумите објасни дека високотехнолошкиот механизам за филтрација поставен во колекторските контејнери на „фабриката“ го заробува јаглерод диоксидот со голема прецизност.
– Кога филтерот ќе се наполни, тој се затвора и потоа се загрева на околу 100 Целзиусови степени. Откако по обработката ќе се ослободи од нечистотиите, јаглерод диоксидот потоа се транспортира и складира под земја, на растојание од три километри од објектот во тврда агрегатна состојба. Преку овој начин можно е во иднина да се прочистува и намалува штетниот јаглерод диоксид во многу делови од светот, кој е директен двигател на глобалното затоплување – вели Кауфман.
Тој посочува дека тврдиот јаглерод диоксид повторно би се ослободил во воздухот единствено ако карпата се загрее на многу високи температури, како на пример во вулканска ерупција, што е невозможно според него.
Инаку, исландската постројка за прочистување на воздухот, чија изградба чинеше 10-15 милиони долари, може да вшмукува околу 4.000 тони јаглерод диоксид годишно, количество што сепак е мало во споредба со светските стандарди за годишно елиминирање на јаглерод диоксидот од воздухот.

Глобалните емисии на јаглерод диоксид повторно растат

Во меѓувреме, додека фокусот на светската јавност е вперен во самитот за климата во Глазгов, студија објавена вчера, на конзорциумот „Глобал карбон проџект“, наведува дека и покрај минатогодишното намалување на емисиите на јаглерод диоксид за рекордни 1,9 милијарда тони, што беше пад од 3,4 проценти поради пандемијата, сепак годинешните податоци на оваа тема говорат дека ќе има сериозен пораст на штетните емисии низ светот.
Извештајот прогнозира дека емисиите во 2021 година ќе покажат пораст од 4,9 отсто и речиси ќе го избришат падот од 2020 година.
– Очекувавме да видиме одредено враќање. Она што нѐ изненади беа интензитетот и брзината на враќањето – рече водечкиот автор на студијата Пјер Фридлингштајн, истражувач за климатско моделирање на Универзитетот во Ексетер, Британија.
Инаку, истражувањето се заснова врз податоци добиени од владите за користење енергија, патувања, индустриско производство и други фактори.