Лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ун на средбата со рускиот претседател Владимир Путин посочил дека САД се имале „лоша верба“ на самитот во Ханој, информираа севернокорејските медиуми, а пренесе Си-ен-ен.

Во извештајот на националниот медиумски сервис на Северна Кореја кој беше објавен на последниот ден на средбата на Ким и Путин во Владивосток, каде двајцата лидери минаа помалку од четири часа заедно. Денес, контроверзниот севернокорејски лидер, замина кон својата земја како и што пристигна, со воз.

– Ким Јонг-ун рече дека ситуацијата на Корејскиот Полуостров и во регионот во моментов е во застој, и пристигна до точка кога може да се врати во првичната стостојба, откако САД заземале едностран став и имале „лоша верба“ на неодамнешната средба во Ханој меѓу двете земји – стои во објавата на државниот медиум.

Ким дополнително им рекол на неговите руски домаќини дека „мирот и безбедноста на Корејскиот Полуостров целосно зависат од идниот однос на САД“ и дека „Северна Кореја ќе се брани во секоја следна можна ситуација“.

За разлика од состанокот на Ким и Трамп во Виетнам, на кој беше планирано да се потпише договор за елиминација на нуклеарната програма на Северна Кореја, а за возврат САД да ги отповикаат сакнциите врз земјата, што не се случи, средбата на лидерот на Севернокорејците со рускиот претседател немаше таков план и агенда. Сосема спротивно, средбата беше карактеризирана со раскошна симболика и забелешки за меѓусебното пријателство и почит меѓу двете земји и двајцата лидери.