Србија е под притисок да пристапи на платформата што се заговара од Париз, Берлин и западните центри на моќ за да се реши статусот на Косово

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по шести пат се сретна со кинескиот претседател Си Џипинг, во рамките на одржувањето на форумот „Појас и пат“, кој се одржува во Кина. Главна тема на разговорите се билатералната соработка во економијата и воената безбедност, а Вучиќ се обидува да ја потврди поддршката од Пекинг пред претстојниот српско-албански состанок што ќе се одржи кон крајот на месецот во Берлин, на кој ќе се разговара и за косовското прашање.
– Кога говорите со големите сили од Западот, секогаш постои некаков вид притисок со кој се соочувате. Кога разговарате со Кина и нејзините лидери, секогаш се соочувате со почитување – изјави Вучиќ по средбата со кинескиот колега.

Посетата на српската делегација на Кина е од големо значење, затоа што оваа источноазиска земја е една од трите доминантни сили во глобалните мултиполарни односи. Кина е постојана членка на Советот за безбедност на ОН и втора економска сила во светот, оценува аналитичарот и дипломат Зоран Миливојевиќ.

– Кина со ништо не ги условува своите односи со Србија за разлика од западните центри на моќ. Овие односи добиваат на квалитет и затоа е веќе поставено стратегиско партнерство меѓу двете земји. За Кина, Србија е значајна затоа што таа е неутрална земја, која се наоѓа на важен простор. Довербата меѓу нив е на највисоко можно ниво и меѓусебните односи не се оптоварени со политички условувања – изјави Миливојевиќ во разговор во студиото на РТС.

Тој е уверен дека Вучиќ добил поддршка што се однесува за судбината на Косово, за која ќе се разговара в понеделник во Берлин. Ова прашање може да се надмине со компромисно решение, кое ќе ги зачуваат српските национални и државни интереси, а ставовите на Русија и Кина се важен политички капитал за српската страна.

Србија е под притисок да пристапи на платформата што се заговара од Париз и Берлин, Приштина и западните центри на моќ, која не му одговара на Белград, а која ги брани приштинските потези и предлози за продолжување на дијалогот.

– Затоа е важно Кина и Русија да гарантираат за суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија. Од друга страна, Кина ја гледа Србија како централна држава за реализација на проектот „Појас и пат“. Суштината е дека нема економска стабилност без учество во овој проект и не е случајно што европските земји учествуваат во него – заклучува Миливојевиќ.