Главниот преговарач на ЕУ за брегзит, Мишел Барние денеска ги предупреди британските пратеници дека не треба имаат илузии оти е можен преоден период по истапувањето на Велика Британија од Унијата, доколку не го одобрат договорот за брегзит постигнат меѓу Владата во Лондон и Брисел.

– Слушајќи ги дебатите во Долниот дом (на британскиот Парламент) се добива впечаток дека постои опасна илузија оти Велика Британија може да има корист од преодниот период (по брегзит), дури и ако нема договор за истапувањето. Да бидам јасен: Единствена правна основа за преодниот период е Договорот за истапување. Без договорот нема пероден период – напиша Барние на Твитер, во пресрет на вечерашното гласање на британските пратеници за Договорот за Брегзит.

Претходно, британската премиерка Тереза Меј ги повика пратениците во Долниот дом да го поддржат договорот за брегзит, нагласувајќи дека во спротивно можно е Велика Британија да остане во ЕУ.

– Работата е јасна… Оние кои сакаат да дојде до брегзит, мислам оти треба да знаат дека ако вечерва не го усвоиме овој договор, ризикуваме Брегзитот воопшто да не се случи – истакна Меј.