Неколку семејства со мали деца доставија итно барање до германскиот Уставен суд за да се разгледа уставноста на Законот за обврска од вакцинирање против сипаници, кој денеска стапи на сила.

Поднесителите на барањето, кои се четири семејства од различни германски сојузни покраини, заклучуваат дека новиот закон за задолжителна вакцинација против сипаници на сите деца при упис во градинка и училиште, го нарушува уставното право на родителите за слободен избор на воспитување и нега, правото на еднаквост на сите граѓани и уставното право за физички интегритет на децата.

Неколку други семејства подготвуваат и тужби, а се приклучуваат и доктори кои во законот гледаат државно мешање во односот лекар-пациент.

Родителите се поддржани од Иницијативата за слободен избор за вакцинација, која се обидува да ги зачува досегашните регулативи кои само препорачуваат децата да бидат вакцинирани.

Германската влада одлучи да воведе обврска за вакцинација поради зголемувањето на бројот на заболувања од сипаници во училиштата. Минатата година беа потврдени повеќе од 500 инфекции со сипаници.

Родителите кои не ја исполнуваат обврската за вакцинација, ќе треба да платат казни и до 2.500 евра, пренесува хрватски „Индекс“.

Обврски за вакцинација се наметнуваат и за персоналот во училиштата и градинките.