Земјите членки на Европската фудбалска федерација (УЕФА) подоцна оваа недела ќе одржат итен состанок за да разговараат за контроверзните предлози на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) за продажба на комерцијални удели во своите најголеми натпреварувања. Според „Би-би-си“, меѓу темите може да се најде и можноста за европски бојкот на Светското првенство.
На видеоконференцискиот состанок ќе учествуваат сите 55 членки на УЕФА, а британскиот медиум наведува дека би било изненадување доколку не се отвори прашањето за евентуален бојкот.
ФИФА неодамна објави план за формирање нова комерцијална подружница што ќе управува со најголемите натпреварувања, вклучувајќи го и Светското првенство, со можност надворешни инвеститори да купуваат удели во компанијата.
Предлогот предизвика загриженост дека приватниот капитал би можел да добие преголемо влијание врз организацијата на натпреварувањата. Од ФИФА, пак, тврдат дека моделот ќе обезбеди повеќе средства за развој на фудбалот и поголема финансиска поддршка за националните федерации.
УЕФА вчера остро реагираше, порачувајќи дека „фудбалот не е имот на ФИФА да го продава“.
Критичарите стравуваат дека ваквиот модел би можел да доведе до почесто организирање на Светските првенства и нивно дополнително проширување, со цел да се генерираат поголеми приходи. Тоа, според нив, дополнително би го оптоварило веќе пренатрупаниот меѓународен фудбалски календар.
Извор од англискиот фудбал за „Би-би-си“ оцени дека најновите планови на ФИФА претставуваат една од најголемите закани за спортот во последните години, споредувајќи ја ситуацијата со неуспешниот проект за Европската Суперлига во 2021 година.
ФИФА, од своја страна, соопшти дека целта е да се зголеми глобалното финансирање за развој на фудбалот на 10 милијарди долари, како и да им се додели еднократна финансиска поддршка од 20 милиони долари на секоја од 211-те национални федерации членки.

































