Годинава конкуренцијата беше уште посилна, но успеав да ги победам моите противнички. Имаше многу добри натпреварувачки во мојата категорија, ни изјави Рељиќ. Задоволен сум од мојот настап. Ова е само еден почеток за тоа што ни следува во иднина, а нѐ очекуваат уште Г2-натпревари, како и Европското првенство, во мај, во Белград, вели олимпиецот Георгиевски

ТАЕКВОНДО – „СКОПЈЕ 2024“

Македонските таеквондисти Милијана Рељиќ, членка на клубот Тигри, и сребрениот олимпиец од Токио, Дејан Георгиевски, член на клубот Бутел, освоија златни медали на силниот турнир од серијата Г1 „Скопје опен 2024“, викендов во СРЦ „Јане Сандански“. Рељиќ, која настапи во категоријата до 62 кг, го повтори ланскиот успех на овој турнир, а Георгиевски (над 87 кг), на турнирот минатата година го освои сребрениот медал.
– Фантастични борби направи Рељиќ со победите над Французинката Лихама Асумаја Ангуста со 2-0 во рунди, а во следното коло беше подобра и од Црногорката Андреа Комарина. Во полуфиналето ја совлада и Италијанката Кристина Гаспа, а во финалето славеше против Јулија Шпак од Полска. Многу е значајно што Милијана не изгуби ниту една рунда до златниот медал. Со овој триумф таа освои нови 10 поени за олимписката и за светската ранг-листа. Од нашиот клуб Тигри настапи и Горјан Бадаровски со одлична борба против искусниот Израелец Сасун Иматар. Честитки за Милијана и за Дејан Георгиевски, кој, исто така, се закити со злато на овој силен Г1-турнир во Скопје – вели тренерот на Рељиќ, Александар Ефтимов.
На годинашниов меѓународен турнир „Скопје опен 2024“ од серијата Г1, еден од најсилните таеквондо-турнири во Европа, учествуваа околу 800 натпреварувачи од 220 клуба од 40 држави.


– Лани бев под голем стрес и возбуда дека требаше да се докажам и на домашен терен, но, сепак, издвојував три победи и освоив злато. Годинава конкуренцијата беше уште посилна, но успеав да ги победам моите противнички, а полуфиналната борба, која можеби беше и најтешка против Гаспа, многу искусна и брза таеквондистка, успеав да ја добијам. Имаше многу добри натпреварувачки во мојата категорија, како Надја Тешиќ од Србија, која во февруари освои три златни медали од САД опен, Канада опен и Австрија опен, но тука не го помина второто коло, како и одличните Турчинки Севел Чакал и Пинар Хатиџе Јигиталп. Следни турнири ми се Шпанија опен и Србија опен, потоа во април Талин Г1 опен и Президенс европски куп – ни изјави Рељиќ.
Георгиевски стигна до златниот медал без загубена рунда, победувајќи двајца натпреварувачи од Франција, а во финалето беше подобар Ел Омар Јазиди, повеќекратен медалист од вакви силни турнири и европски првенства.
– Задоволен сум од мојот настап на турнирот во Скопје. Ова е само еден почеток за тоа што ни следува во иднина, а нѐ очекуваат уште Г2-натпревари, како и Европското првенство, кое ќе се одржи во мај во Белград. Со освоениот златен медал на овој турнир добив уште 10 поени за олимписката и за светска ранг-листа – вели Георгиевски. Г.И.