Фото/Илустрација: Пиксабеј

Врховниот суд на Грција јавно предупреди за „злоупотребата на Преспанскиот договор“ од македонска страна

Асиметричноста на обврските во Преспанската спогодба од ден на ден испливуваат на површина, но иако Македонија и досега максималистички, дури и повеќе од предвиденото, ги исполнуваше одредбите на договорот, Грција повторно реагира и на најситните детали, без оглед што самата нема исполнето ништо од договореното.
Имено, неодамна Врховниот суд на Грција преку циркуларно писмо предупреди на злоупотребата на Преспанскиот договор по „инцидентите на две меѓународни правни конференции надвор од ЕУ, на кои претставникот на Скопје се претставувал како претставник на Република Македонија“.
Врховниот суд на Грција дава упатство во вакви случаи грчките обвинители да не се потпишуваат на никакви заклучоци од тие конференции.
– Треба да се биде внимателен и веднаш да се реагира, за да се обезбеди правилна употреба на името на северниот сосед. Во случај на неточна пријава од претставник на горенаведената земја или трета држава или од организаторот, тие мора да реагираат до организаторите со повикување на договорот и да не се потпишуваат на никакви заклучоци или заеднички соопштенија од тие собири – се наведува во препораката на Врховниот суд на Грција, пренесуваат грчките медиуми.
И додека Врховниот суд на Грција реагира, од друга страна нема никаква реакција од македонското МНР на прекршувањето на Преспанската спогодба од страна на Грција.
Официјална Атина и натаму продолжува да го игнорира ратификувањето на трите меморандуми што останаа заглавени во грчкиот парламент, а не прави ништо ниту да ги промени старите табли со името „ФИРОМ“ и „Скопиа“ на северот на земјата.
Сама по себе лицемерна е и препораката на Врховниот суд на Грција, кој досетливо избегнува воопшто да го спомене името на Македонија, па користи термини како „северниот сосед“ или „претставник на Скопје“.
– Грција ја заврши целата работа во 2018 година во Нивици и сега ги собира плодовите на нашата непромисленост. Тие не спроведоа ниту една обврска од Преспанската спогодба. Не ги ратификуваа трите фамозни меморандуми за кои пред извесно време предупреди и грчката опозиција, а еден од тие меморандуми беше контролата на воздушниот простор над земјава од страна на грчката воена авијација. Еве, од пред некој ден сега и Италија се вклучи во патролирањето над нашиот воздушен простор, а италијанскиот парламент сигурно нема да чека со години да ја ратификува оваа одлука. Грците не ги сменија ниту таблите, а нивните официјални лица не го употребуваат воопшто името на нашата држава, туку користат термини како „северен сосед“, „Скопје“, „ФИРОМ“ и слично. Нашето МНР молчи, како што пред некој ден премолчи што разговарале со грчката комисија за образовни прашања. Ако веќе сме го потпишале тој фамозен договор, згора на тоа стопроцентно го исполнуваме, треба да се има барем малку доблест да се побара и од грчката страна да ги спроведе своите обврски, а не да бара влакно во јајцето – коментираат аналитичарите. С.Т.