Фото: ЕПА

Западни медиуми нудат решение анализирајќи го украинскиот конфликт:

Војната во Украина и натаму останува во фокусот на светските медиуми. Тие, анализирајќи го судирот од повеќе аспекти, дури и предлагаат свои можни преодни решенија за конфликтот, пред сѐ заради прекин на материјалните загуби и на човечките жртви. Така, деновиве за ова пишуваше германски „Ди велт“, кој потсетува дека предлозите што минатата година беа дискретно разгледувани, повторно би можеле да се вратат во игра. Имено, според весникот, Западот треба повторно и поинтензивно да ја разгледа опцијата да се дојде до можно решение на украинскиот конфликт преку замрзнување на сегашната ситуација на теренот (како најповолна за Киев).

Опција „Фриз“: Војната да „замрзне“ и да нема победници и поразени

Оваа опција, според споменатиот медиум, сега станува доминантно мислење (со оглед на успесите на руските сили по заземањето на силната украинска тврдина – градот Авдиевка во регионот Донбас, и нивното несомнено преземање иницијатива на речиси сите линии на фронтот подолги од 1.000 километри).
Пред неколку дена, поточно во четвртокот, германски „Ди велт“ ѝ посвети голем простор на оваа опција, наведувајќи дека оваа година Украина е во опасност да оди во дефанзива и дека „има сѐ повеќе причини да се верува дека конфликтот би требало да биде замрзнат за некое време“.
Истовремено, медиумот се повикува на мислењето на одредени претставници на СПД во Бундестагот, како Ролф Муцених, кој повика сериозно да се разгледа можноста за „замрзнување“ на украинската војна. Медиумот смета дека сѐ уште постојат добри причини за споменатиот „фриз-предлог“.
Констатација и на повеќе реномирани западни медиуми, вклучувајќи и на германскиот „Ди велт“, е дека „губитничката страна – која најверојатно би била Украина – може првично да престане да се бори со замрзнатиот конфликт без да го изгуби образот или да ја прифати конечната титула губитник“.
Но, таквото нешто, според западните медиуми, би морало да го прифати и Москва (да биде толерантна и да не се „расфрла“ со титулите победник/ губитник). А, пак, руските вооружени сили да останат на украинска почва, испораката на западно оружје да престане, а преговорите за членството на Украина во ЕУ и НАТО да бидат прекинати бидејќи Западот најверојатно ќе направи сѐ што може за да избегне повторно разгорување на замрзнатиот конфликт. Таквиот конфликт би претставувал состојба на немирен мир, иако со јасни предности за Москва – се вели во текстот на германскиот медиум.

Војната нема да трае уште неколку години, Киев е во неволја

Понатаму, во анализата се вели дека овој конфликт најверојатно нема да трае уште неколку години, поради неколку причини.
Прво, Украина нема изгледи за враќање на изгубените територии оваа година. Напротив, Киев ќе биде среќен ако успее да го одржи фронтот. По периодот на врнежи и калливи патишта, во наредните недели треба да очекуваме нова руска офанзива и значителни територијални загуби за Украина. Во моментов Русија се обидува да се пробие во првата линија на одбрана на украинските вооружени сили во 18 области, а во средината на февруари веќе успеа кај Авдиевка во Донецката област. Меѓутоа, втората и третата линија на одбрана на Украина се значително послаби од првата, а ризикот од пробивање на руските трупи во внатрешноста на земјата до реката Днепар сега е висок.
Ситуацијата за Киев се развива многу драматично. Воените експерти Маркус Рајснер од австриското Министерство за одбрана и Дара Масикот од американскиот аналитички центар „Карнеги“ предвидуваат дека конфликтот конечно ќе се сврти во корист на Москва ова лето доколку „Западот брзо не испорача значително повеќе оружје“. Притоа се изразува стравување дека испораките ќе стануваат сè помали, без разлика на исходот од американските претседателски избори, но и затоа што на Европа ѝ недостигаат сила и политичка волја самостојно да обезбеди воена помош за Киев.
Друга причина е што Западот „целосно ги потцени воениот потенцијал на Русија и нејзините меѓународни врски“. Москва има доволно ресурси и меѓународна поддршка за да го продолжи сегашниот конфликт уште неколку години.
Третата причина: Западот често во своите официјални говори изјавува дека Украина ја брани слободата на Западот. Сепак, сѐ повеќе се носат себични одлуки на штета на Украина. На пример, санкциите против Русија се калкулантски и не се однесуваат на продажба на руски гас и ураниум за Западот. Дополнително, Вашингтон го повика Киев да се воздржи од напади врз руските нафтени рафинерии за да не се зголемат светските цени на нафтата за време на предизборната кампања во САД. Калкулации, калкулации, констатираат воените експерти… Д.Т.З