ФМ Антон Златков

ШАХ

  • Во конкуренција на 501 шахист од 41 држава (94 велемајстори), Златков го освои извонредното 19. место со осум поени и имаше играчки перформанс на игра од 2.616 поени

Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Антон Златков постигна извонреден успех на 26. поединечно Европско првенство (ЕП) во Катовице (Полска). Златков (рејтинг 2.299 поени, 254. пред почетокот на турнирот), член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, со освоени осум поени (седум победи, две ремија и три порази) го подели 5-23 место, а според дополнителниот критериум е на 19. место. Тој напредуваше на табелата за дури 235 места, прикажувајќи играчки перформанс на игра од 2.616 поени, а освои и 89 нови рејтинг-поени. На ЕП 2026 играа 501 шахист од 41 држава (94 велемајстори).
Златков во последното 11. коло на ЕП 2026 со бели фигури го победи велемајсторот (ВМ) од Данска, Мадс Андерсен (рејтинг 2.562, 42. пред ЕП 2026). Овој резултат на Златков (19) му ја донесе и првата норма за ВМ, а истовремено обезбеди и пласман на Светскиот куп на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Сега му се потребни уште две норми за ВМ и рејтинг над 2.500 поени за да стане ВМ. Прв и најмлад ВМ во Македонија засега е Никола Митков, кој титулата ја освои во 1993 година (на 22 години). На македонската листа моментално фигурираат девет велемајстори.
И другите тројца македонски шахисти постигнаа солидни резултати. Така, членот на ШК Алкалоид, интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов (2.389/183), со пет победи, три ремија и три порази (6,5 поени, играчки перформанс од 2.384 поени и два нови рејтинг-поени), го освои 140. место, односно 43 места подобар пласман од почетниот. Во 11. коло тој ремизира со ФМ од Грција, Димитриос Космос-Лекас (2.195/140).
Ист број поени, 6,5, освои членот на ШК Алкалоид, ИМ Емил Ристески (2.416/152), кој го освои 149. место, подобро за три места од почетното. Во последното коло на ЕП 2026 тој со црни фигури ремизира со ВМ од Чешка, Јири Сточек (2.512/75).
Членот на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, ФМ Андреј Велјаноски (2.255/287), со шест поени (пет победи, две ремија и четири порази) го освои 189. место (98 места над почетното рангирање), со играчки перформанс од 2.402 поени и освоени нови 41 рејтинг-поен. Тој во 11. коло ремизира со црни фигури со ИМ од Полска, Филип Цукровски (2.400/169).
Четворицата македонски шаховски репрезентативци вкупно од можни 44 поени, освоија 27, забележаа вкупно 22 победи, 10 ремија и 12 порази, што е одличен резултат, гледано според почетното рангирање пред ЕП 2026. Нов европски првак стана ИМ од Украина Роман Дехтијаров (2.452/126), со девет поени (осум победи, две ремија и еден пораз). Г.И.