ТК Бутел по големиот успех во Солун, во 2019 година

Единствен клуб од Македонија е Бутел, кој ќе настапи со шестмина натпреварувачи, а во поединечна конкуренција најголеми адути се Георгиевски и Додевски

ТАЕКВОНДО – ЕВРОПСКО КЛУПСКО ПРВЕНСТВО

Таеквондо-клубот Бутел од Скопје е единствениот македонски претставник што ќе настапи на Европското сениорско клупско првенство, кое почнува денеска во Талин, Естонија. Боите на Бутел ќе ги бранат шестмина таеквондисти, додека Мила Релиќ (до 62 кг) од клубот Тигри ќе настапи само во поединечна конкуренција. Таа месецов освои златен медал на меѓународниот натпревар „Израел опен“, од серијата Г2 меѓународни турнири.
– Конкуренцијата е мошне силна, но сметам дека имаме шанси за висок екипен пласман, а успех би било ако бидеме меѓу првите шест. Настапуваат сите поединечно, а потоа им се собираат бодовите за екипен редослед. Ова е турнир од рангот Г2, а тоа значи дека, покрај екипен, има и поединечен пласман за медали, а тука најголеми шанси имаат Дејан Георгиевски и Филип Додевски. Веднаш по ЕП во Талин ќе се одржи и Опен-турнир од серијата Г2, каде што исто така ќе настапат нашите претставници – вели тренерот на Бутел и на репрезентацијата на Македонија, Борче Костовски.
Македонското таеквондо и клубот Бутел ги врзуваат убави споени од вакво ЕП. Така, во Солун, во 2019 година, Додевски (до 87 кг) го освои златниот медал во поединечна конкуренција, победувајќи ги Грците Дијамантидис и Антониос, Русинот Бабаевски, Австриецот Трабелси и Србинот Јованов. Сребрениот олимпиец од Токио, пак, Георгиевски (над 87 кг) беше втор, додека екипно Бутел заврши на извонредното шесто место.
– Европското клупско првенство во 2019 година во Солун секако дека ни остана во убави спомени, а на ова сега во Талин, јас и мојот клуб ќе дадеме сѐ од себе да оствариме уште подобар резултат – ни изјави репрезентативецот Додевски.
Подготовките за ова клупско ЕП беа реализирани во Врњачка Бања (Србија), каде што клубот тренираше седум дена.
– Подготовките во Србија минаа одлично, а присуствуваа повеќе европски, светски и олимписки шампиони и искусни таеквондисти, што, секако, добро ни дојде за подигање на формата пред ова ЕП – појаснува Костовски.
Како што е познато, по завршувањето на ЕП и Опен-турнирот во Естонија, во септември следува ЕП за јуниори (до 21 година) во Албанија, а во ноември годинава во Мексико и најзначајниот настан, а тоа е Светското првенство (СП) за сениори. Г.И.


Бутел – состав

Дејан Георгиевски над 84 кг
Филип Додевски до 84 кг
Филип Стаменов до 80 кг
Анамарија Георгиевска до 67 кг
Сања Поповска до 57 кг
Фросина Рајковска до 46 кг