Најчестите формации во Лигата на шампионите лани беа 4-3-3, 4-2-3-1 и 4-4-2, а 17 од 32-та тима вклучени од групната фаза, па и натаму, започнаа барем еден меч со три или со пет бека, се наведува во извештајот на УЕФА

ФУДБАЛ

Добри прецизни нафрлувања, почнување на акциите од одбранбените играчи, висок пресинг и по пет играчи во одбраната и во нападот се клучните трендови што доминираа лани на натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ), во Лига Европа (ЛЕ) и во женската ЛШ. Покривајќи над 180 натпревари во двете ЛШ и во ЛЕ минатата сезона, 41 технички набљудувач на Европската фудбалска унија (УЕФА) ги разгледуваа клучните трендови што ги обликуваа тие натпреварувања, стои во извештајот на интернет-страницата на УЕФА.
Извештајот на набљудувачите се фокусира на бековската линија од пет играчи во одбраната и на течниот напад, исто така од петмина играчи.
– Често зборуваме за тактичките системи, но често и забораваме дека одбранбениот систем со многу различно однесување на играчите има сосема поинаков ефект – вели Роберто Мартинез, селектор на Белгија и набљудувач.
Овие зборови на Мартинез се битни за да се нагласи како формацијата може да означува многу работи, во зависност од тоа како се применува. Најчестите формации во сезоната 2021/2022 беа 4-3-3, 4-2-3-1 и 4-4-2, а 17 од 32-та тима вклучени од групната фаза, па и натаму, започнаа барем еден меч со три или со пет бека, а тренерите имаа различни пристапи.

Во извештајот на набљудувачите за мечевите во ЛЕ лани се наведува дека добрите нафрлувања и технички квалитетните дефанзивци што знаат да играат со топка, од кои почнува играта на тимот, се многу битни за успехот. Нафрлувањата се вратија. Добро се користеше широчината на теренот, а играта по крилните позиции беше еден од најпродуктивните начини за постигнување гол. Бројките покажуваат дека 138 гола, или 37,7 отсто, биле постигнати по нафрлени топки, а 98 гола од игра.
– Трендот сè повеќе оди кон брзи транзиции и сѐ повеќе ќе ги гледаме. Тоа ќе значи брзо и ниско нафрлување на топката во шеснаесетникот, што ќе резултира со повеќе голови – вели Миксу Пателаинен.
Во женската ЛШ, во првата сезона со групна фаза, високиот пресинг е означен како клучен за успехот. Во 2018 година, во сличен извештај беше забележано дека малку тимови успешно применуваат висок пресинг, но тоа во период од четири години се промени. Пет тима, Челси, Барселона, Лион, Баерн Минхен и Реал Мадрид, им дозволија на противниците 10 или помалку додавања во одбраната пред да ја вратат топката назад, благодарение на подобрата физичка подготовка. Двата најефикасни клуба, финалистите Лион и Барселона, постигнаа по девет гола по одземена топка на противничката третина од теренот. Л.Д.