ФОРМУЛА 1
Формула 1 (Ф1) склучи нов договор за трка за големата награда (ГН) на Австралија во Мелбурн до 2035 година. Новиот договор е 10-годишно продолжување на постојниот договор, кој истекуваше во 2025 година.
Мелбурн имаше конкуренти, вклучувајќи го и Сиднеј, но победи поради понудената добра комерцијална зделка и поради статусот на успешен настан, пишува „Би-би-си“.
Патеката во „Алберт парк“ во Мелбурн дебитира во Формула 1 во 1996 година и оттогаш е еден од главните столбови во календарот на Ф1.
Годинава Мелбурн се врати во календарот по тригодишно отсуство поради пандемијата на коронавирусот, а за време на викендот „Алберт парк“ го посетија 419.000 гледачи, најмногубројната публика на спортски настан во историјата на Австралија.
Од 1996 до 2019 година, во Мелбурн, со ретки исклучоци, се возеше воведната трка од сезоната.