Костовски и Георгиевски со медалот од Букурешт

Поради повреда го откажавме финалето и не го освоивме третото злато за нешто повеќе од еден месец. Се надеваме дека снимката на дланката нема да покаже посериозна повреда, вели тренерот Борче Костовски

ТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР

Најдобриот македонски таеквондист и носител на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Дејан Георгиевски (24), продолжува со одличните настапи на престижните Г1-турнири. Изминатиов викенд членот на ТК Бутел, во категоријата над 87 кг, се закити сребрен медал на турнирот во Букурешт (Романија).
До најновиот успех Георгиевски стигна со три фуриозни победи, сите со добиени две рунди. Прво го победи Белгиецот Мануел Полет, потоа беше подобар од Украинецот Андриј Харбар, а во полуфиналната борба го елиминира Емре Куталмиш од Турција. Според зборовите на тренерот на Георгиевски и на македонската репрезентација, Борче Костовски, македонскиот олимпиец се борел речиси две рунди со повредена дланка, поради што не настапил во финалната борба.
– Поради повреда го откажавме финалето и не го освоивме третото злато за нешто повеќе од еден месец. Се надеваме дека снимката на дланката нема да покаже посериозна повреда. Овој спортски подвиг што го покажува Георгиевски ни одблиску не е забележан откако Македонија е самостојна држава, оти за само два месеца, тој од четири настапи на официјални квалификациски олимписки турнири Г1 освои четири медали, по два златни и сребрени – вели Костовски.
Георгиевски забележа победи на Г1-турнирите во Тирана (Албанија) и во Загреб (Хрватска) овој месец, а беше втор во Белград (Србија) на крајот на септември и сега во Букурешт.
Неговите шанси за обезбедување директен пласман на ЛОИ 2024 се големи. Доколку, пак, не успее до крајот на годинава да влезе преку потребните поени на олимписката листа, тогаш ќе се обиде да го направи тоа преку квалификациите, кои треба да се одржат во Германија, во февруари следната година. Г.И.