Петар Заборски, Михаела Мишовска и селекторот Александар Кузмановски / Фото: КФМ

Мишовска, во категоријата до 50 килограми, до освојувањето на сребрениот медал забележа четири победи

КАРАТЕ

Михаела Мишовска постигна одличен успех освојувајќи го сребрениот медал на Европското првенство (ЕП) во карате за сениори во Задар (Хрватска), објави Карате-федерацијата на Македонија (КФМ). Во финалето Мишовска загуби од Ема Сгардели (Хрватска) со 0-8.
Мишовска, во категоријата до 50 килограми, до освојувањето на сребрениот медал забележа четири победи, и тоа на дуелите со Ерминија Пефето (Италија, резултат 7-7), Маријами Васадѕе (Грузија, 5-4), Корал Амос (Израел, 2-2), Стилијани-Елени Цилија (Грција, со 4-1 во полуфиналето), пишува КФМ.
Од другите македонски претставници на континенталниот шампионат во Задар, Петар Заборски (категорија до 75 килограми) во борбата за бронзениот медал не успеа да го победи Тијаго Дуарте од Португалија и се пласира на петтото место, а машките тимови во кумите и во кати се пласираа на седмото место, информира КФМ.
На годинашното Европско првенство во Хрватска настапија 491 каратист од 51 држава.
– На ова 59-то Европско првенство Македонија учествуваше во сите тежински категории во борба и во ката, каде што најгорди нѐ направи натпреварувачката Михаела Мишовска, која го освои сребрениот медал во сениорки. Голем успех за Македонија, за македонскиот спорт, со што се вмешавме меѓу 10-те најдобри земји од вкупно 51 земја-учесник и вкупно 600 натпреварувачи. Таа во финалето изгуби од домашната натпреварувачка Ена Сгардели од Хрватска, да потсетиме дека има само 18 години и е голем потенцијал за женското карате во Македонија, кој е резултат по трофејните Наташа Илиевска, која има злато и од 2017 година, нејзината клупска другарка Јована Георгиева беше бронзена. Да се надеваме на светла иднина на оваа натпреварувачка. На ова првенство одличен настап имаше и Петар Заборски, кој со многу мала разлика од 2-1 изгуби во дуелот за бронзата. Можеме да жалиме затоа што не се вративме со два медала во Македонија и уште еднаш да оправдаме зошто каратето е спорт број еден и најтрофеен сите овие години во континуитет во Македонија. Пласман имаме и со машкиот тим во ката и во борба. На ова ЕП освоивме едно второ, едно петто и две седми места. Да не заборавиме и дека пред две години Вероника Костовска се бореше за трето место на ЕП во Турција – ни изјави селекторот на Македонија во борби, Александар Кузмановски. Г.И.