Владеењето на мнозинството е природно правило за одлучување

Доколку се земе предвид дека правилото за мнозинство води кон владеење на мнозинството (во најширока смисла на зборот), тврдењата дека има два победника на македонските парламентарни избори се апсурдни. Македонија е слободна и демократска држава, а тоа се потврди на претседателските и парламентарните избори, кои минаа во скандинавска атмосфера, оттука македонската влада ќе биде формирана од оној што ќе обезбеди 61 пратеник. Обидите да се претстави Македонија како биполарна држава или општество немаат основа и се спротивни на македонскиот устав, поточно на членот 8, во кој се наведува дека „политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори“ се темелна вредност на уставниот поредок, како и на членот 69, во кој се наведува дека „Собранието може да работи ако на седницата присуствува мнозинството од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници“

Во секое демократско општество владеењето на мнозинството е највообичаено нешто, а тоа се заснова на т.н. правило за мнозинство, односно на онаа група што има повеќе од половина од сите гласачи треба да ѝ се дозволи да ги носи одлуките за државата или нацијата. Светските примери покажуваат дека правилото за мнозинство е правилото за бинарно (што се состои од два дела) одлучување, одлучување што најчесто се користи во сите тела за одлучување, вклучувајќи и многу законодавни тела во демократските општества. Правилото за мнозинство води кон владеење на мнозинството, нешто што се разбира како средство за организирање на власта и одлучување за националните и државните прашања.
Повеќемина меѓународни релевантни експерти и истражувачи нагласуваат дека владеењето на мнозинството не е уште еден пат кон угнетување, односно во демократијата мнозинството не може да им ги одземе основните права и слободи на една малцинска група или поединец, поради уставните гаранции и многубројните регулативи и правила. Малцинствата, без разлика дали станува збор за етничкото потекло, религиозното убедување, политичкото верују уживаат или губитниците на политичките избори уживаат загарантирани основни човекови права што ниту една влада и ниту едно мнозинство, избрано или не, не можат да ги поништат или да ги ограничат правата. Ова е очигледно и во преамбулата на македонскиот устав, каде што се наведува дека Македонија како држава е создадена „со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбедат мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници“ во македонското собрание, избрани на слободни и демократски избори.
Во секое демократско општество, малцинството (малцинство во најширока смисла на зборот) треба да верува дека владата ги заштитува неговите права, затоа што довербата во владата или другите државни национални институции им овозможува на малцинските групи да учествуваат и да придонесуваат за демократските институции во општеството. Демократските општества, вклучувајќи ја и Македонија како држава, ги заштитуваат правата на малцинствата да го негуваат сопствениот идентитет или религиозни обреди, нешто што е евидентно од членот 48 од македонскиот устав, во кој се наведува дека „припадниците на националностите имаат право слободно да ги изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и националните особености. Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на националностите. Припадниците на националностите имаат право да основаат културни и уметнички институции, научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет. Припадниците на националностите имаат право на настава на својот јазик во основното и средното образование на начин утврден со закон“.

Доколку внимателно се анализира, во демократските општества, вклучувајќи ја и Македонија, демократските влади ги заштитуваат слободата на говор и изразување, слободата на вероисповед и верување, слободата за организирање, еднаквата заштита според законите, слободното учество во јавниот живот итн., нешта што се очигледни во Уставот на Република Македонија. Затоа владеењето на мнозинството не е и не може да биде угнетување, туку природно правило за одлучување, одлучување што е легитимно, бидејќи произлегува од волјата на граѓаните и непосредните демократски избори. Светската пракса исто така потврдува дека дури и ако мнозинскиот праг варира, одлуките на мнозинството во основа се карактеризираат со механизам, односно потчинување на малцинството на мнозинството.

Доколку се земе предвид дека правилото за мнозинство води кон владеење на мнозинството (во најширока смисла на зборот), тврдењата дека има два победника на македонските парламентарни избори се апсурдни. Македонија е слободна и демократска држава, а тоа се потврди на претседателските и парламентарните избори, кои минаа во скандинавска атмосфера, оттука македонската влада ќе биде формирана од оној што ќе обезбеди 61 пратеник. Обидите да се претстави Македонија како биполарна држава или општество немаат основа и се спротивни на македонскиот устав, поточно на членот 8, во кој се наведува дека „политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори“ се темелна вредност на уставниот поредок, како и на членот 69, во кој се наведува дека „Собранието може да работи ако на седницата присуствува мнозинството од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници“.
Оттука, очигледно е дека Македонија е унитарна држава, победник е оној што ќе има мнозинство гласови од присутните пратеници, а владините коалиции се прават врз идеолошка и програмска определба, а не врз етничка или религиозна основа. Впрочем, ставот и законите на Република Македонија велат дека владата работи во интерес на сите граѓани, а не за одредени етникуми.