СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
Германија седма репрезентација што е светски првак во кошарка

Машката репрезентација на Германија е нов светски шампион во кошарка, откако во големото финале во Манила, на Светското првенство (СП) ја совлада селекцијата на Србија со 83-77 и со тоа го освои своето прво планетарно злато во овој спорт.
НБА-ѕвездата Денис Шредер беше избран за најкорисен играч (МВП) на Мундобаскетот што се играше во Индонезија, Филипини и во Јапонија, и беше вистински предводник на Германците до златниот медал, постигнувајќи во финалето 28 поени.
Германија на претходните мундијали освои еден бронзен медал, во 2002 година, а сега стана седмата репрезентација што освојува светска титула во кошарка.
Третото место на СП 2023 ѝ припадна на селекцијата на Канада, која во натпреварот за бронзениот медал, по продолжението, ја победи репрезентацијата на САД со 127-118. Г.И.


ФУДБАЛ
Флик доби отказ, Фелер е привремен селектор на Германија

Ханси Флик повеќе не е селектор на фудбалската репрезентација на Германија по саботниот пораз на пријателскиот натпревар од Јапонија во Волфсбург, со 1-4. Тој станува првиот германски селектор што доби отказ од создавањето на улогата во 1926 година, пишува „Би-би-си“.
Германија загуби четири од претходните пет натпревари. Флик забележа 12 победи во неговите 25 натпревари откако го замени Јоаким Лев во август 2021 година.
Руди Фелер, кој ја водеше репрезентацијата од 2000 до 2004 година, презема привремена одговорност за пријателскиот натпревар со Франција денеска.
Фелер, поранешен напаѓач на Германија, беше назначен за директор на германската репрезентација во февруари. Германија е домаќин на Европското првенство в година.
– Комисијата се согласи дека на германската репрезентација ѝ е потребен нов импулс по неодамнешните разочарувачки резултати. За да одиме на Европското првенство следното лето, потребни ни се доверба и оптимизам во земјата во однос на нашиот тим. Ова беше една од најтешките одлуки што морав да ги донесам за време на мојата улога, бидејќи навистина ги почитувам Ханси Флик и неговите помошници, и на професионално и на лично ниво. Спортскиот успех е од најголема важност за ДФБ, поради што мораше да се донесе оваа одлука – рече претседателот на Германската фудбалска федерација (ДФБ), Бернд Нојендорф, пренесе „Би-би-си“.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ВУЕЛТА
Прва победа за Коста, Кус ја задржа водечката позиција

Португалецот Руи Коста го темпираше својот спринтерски финиш во првата победа на 15-та етапа на велосипедската грантур-трка Вуелта во Шпанија.
Бранителот на титулата, Ремко Евенепул од Белгија, беше четврти додека продолжува со закрепнувањето откако заврши 27 минути надвор од темпото на петочните искачувања.
Тој заостанува 16 минути зад лидерот на трката Сеп Кус од САД, кој ја задржа водечката позиција пред Примож Роглич од Словенија и Јонас Вингегард од Данска. Вчера беше ден за одмор на Вуелта, а велосипедистите денеска имаат етапа од 120,5 километри, која е главно рамна, но завршува со стрмно искачување.
Пласман по 15 етапи: Сеп Кус, Примож Роглич (плус 1:37 минута), Јонас Вингегард (плус 1:44 мин), Хуан Ајусо (плус 2:37 мин.), Енрик Мас (плус 3:06 мин.)…