ШАХ

Почна турнирот за ветерани „13 Ноември“

Со мечевите од првото коло почна второто првенство на Скопје за шаховски ветерани „13 Ноември“, по повод Денот на ослободувањето на градот. Турнирот го организира ШКВ Скопје 72, во соработка со Националниот сојуз на слепи на Македонија, во седум кола со темпо за размислување од 60 минути, плус 30 секунди по секој одигран потег. Од фаворитите победи остварија ФМ Александар Кралевски против Блаже Атанасовски, Илија Стошевски против Васо Талески, Зоран Костадиновски против Благој Смилевски, Миле Трајковски против Борис Јаневски, Насер Идризи против Жарко Селковски. Ремизираа прворангираниот Атанас Ташевски (2.128) со Зоран Јовановски, ФМ Љубомир Илиќ со Лазо Спасовски и ФМ Љубомир Хаџи Манев со Стефан Мелник. Г.И.


ШАХ – СП ЗА ЈУНИОРИ ВО ИТАЛИЈА

Цел поен за Златков, половина за Ајрадиноска

Антон Златков (2.220, рејтинг-поени, рангиран 46-ти пред почетокот на турнирот) е единствениот македонски претставник што освои цел поен во првото коло на поединечното Светско првенство (СП) за јуниори и за јуниорки (до 14, 16 и до 18 години), во Монтесилвано (Италија). Тој во возрасната категорија до 16 години го победи Финецот Миска Моисио (1.671, рангиран 114-ти). Големо реми оствари Инџи Ајрадиноска (1.594, рангирана 62.), во категоријата до 18 години со ЖФМ од Романија, Ема Обада (2.023, рангирана 16-та). Другите шест македонски претставници доживеаја порази во првото од предвидените 11 кола. На СП 2023 има вкупно 773 учесници во сите категории (453 момчиња и 320 девојчиња) од 94 држави. Г.И.


ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2024

Англија во ноември ќе игра без Белингем и без Колвил

Џуд Белингем и Леви Колвил се повлекоа од репрезентацијата на Англија за квалификациските мечеви за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 2024 година, со Малта и со Македонија. И играчот од средниот ред на Реал Мадрид, Белингем, и дефанзивецот на Челси, Колвил, имаат повреди на рамото, објави „Би-би-си“.
Пет фудбалери се повлекоа од почетниот тим на селекторот Герет Саутгејт за натпреварите в петок и в понеделник. Во понеделникот, Кол Палмер, Езри Конса и Рико Луис ги заменија повредените Џејмс Медисон, Калум Вилсон и Луис Данк.
Селекторот Саутгејт нема да додаде нови играчи на тимот за дуелите со Малта во Лондон, в петок, и за гостувањето во Македонија в понеделник, во Скопје.
Англија веќе се пласира на Европското првенство в година и со уште една победа ќе го обезбеди првото место во групата Ц, за да биде еден од првите носители на континенталното првенство што ќе се игра во Германија, пишува „Би-би-си“. Н.М.


ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Баер израмни рекорд на Баерн

Баер е водечки тим во германската фудбалска Бундеслига сезонава, откако тимот на тренерот Чаби Алонсо освои 31 бод од можни 33, со што израмни рекорд поставен од Баерн под раководство на Пеп Гвардиола во сезоната 2015/2016, пишува „Би-би-си“.
Баер сезонава победи на 16 од 17 одиграни натпревари во сите натпреварувања, вклучувајќи и 12 во низа.
– Чувството е одлично во моментов. Игравме со многу фокус и концентрација. Но има уште многу натпревари и може многу нешта да се случат во фудбалот – изјави поранешниот играч од средниот ред на Шпанија и на Ливерпул, Алонсо.
Шпанецот Алонсо беше назначен за тренер на тимот од Леверкузен во октомври минатата година, кога Баер беше претпоследен на табелата во Бундеслигата, по првите осум кола. Потоа, до крајот на сезоната, Баер го освои шестото место во првенството на Германија и настапи во полуфиналето на Лига Европа. Н.М.