ЕНИГМАТА ОКАПИ, 4

Антиупатства за лична употреба

Меркуција моја,

Замисли, ги видов Џонсонови на ТВ. Се прикажуваше емисија за африканските фотографи, во чии рамки пуштаа стари документарци, а меѓу нив и оние снимени од драгите Оза и Мартин. Таа танцува со Пигмејците од племето Бамбуа, и тоа не некој там-там хит, туку чарлстон! Крај стариот грамофон со труба, сите доста радосно се мрдаат (освен Мартин, кој е невидлив, зад камерата), иако за просечно музикалниот гледач е брзо воочлива разликата во чувството за ритам. Човекот на црната раса, каде и да се најде, поседува комплетна согласност меѓу телото и движењето, особено изразени при танцувањето дури и на „белиот“ чарлстон. Можеби некој несмасен злобник ќе изјави дека танцот на црнецот е исказ на неговите либидоносни поттици, ама не ќе може да објасни зошто тие „нагонски потреби“ се толку добро усогласени со мускулната моторика.

Новости за Виткаци: забрзано го подготвуваме следниот број на списанието, посветен на него. Го завршив неговиот животопис, се преведуваат писмата на татко му и есејот за врската со Шулц. Веќе е преведен „Правилникот на Фирмата за портретирање“ (ти праќам фотокопија). Мотото е: Клиентот мора да биде задоволен. Недоразбирањата се исклучени. А сепак, Виткаци, иако е подготвен за можноста незадоволниот клиент да му го врати портретот („и да плати 1/3 од цената, по што портретот преминува во сопственост на Фирмата“) – повторно детски си игра. Трансформациите во неговите портрети, според, за нарачателот, мистериозни шифри, кога лицето, а и целото тело, прифаќаат (избираат) облик на цвет, асирска принцеза или врколак, зарем не те потсетуваат на нашите „деперсонализации“ во доцните есенски попладниња, кога низ прозорското перде се провлекува последното сивило на денот, сѐ уште допирајќи ги нашите мрзливи тела на истутканата постела, каде што секој набор чува здивче топлина. Скорото пристигнување на есента ме скокотка и поради тие заемни миговни преобразби, поради возбудувачкото аматерство на имагинацијата, толку непредвидлива и кога ја очекуваме, толку вљубена и кога нѐ плаши. Слично на долгото фиксирање на едната половина од лицето во огледалото, за потоа одеднаш да се соочиме со целото „живо“ лице и речиси не можеме да се препознаеме, па се кикотиме со страв и брзо се бакнуваме, така и моделите на Виткаци можеби го чувствувале истиот сладок ужас пред својот „изместен“ портрет.
Виткаци, се надевам дека мојата настојчивост не те заморува, во играта со портретираните лица од кичерска разубавеност (тип А, замазнет, со извесно испуштање на карактерот за сметка на разубавувањето) до гротескност (типови C, C+Co.Et. C+H… изведени со помош на C2H2OH и наркотици од повисок ред – субјективност, засилена карикатуралност, како формално, така и психолошки), користи и дел од сопственото контроверзно искуство со Родителот. Зошто Пруст или Вирџинија Вулф толку долго не се осмелувале да пишуваат? Поради живиот Родител. А зошто, откако почнале да создаваат (по смртта на Родителот), нивното суптилно писмо е посеано со лирска метафизика во прецизното спознавање на полутонските промени во еден кус, за другите невидлив миг? Таа пречувствителност и таа нагласена љубопитност се во најтесен допир со мамо, со тато, оние што се толку важни во кругот, каде што сме видовити и за најефемерната нијанса и детаљ. Галените деца трајно се стекнуваат со дарбата да го следат придушеното, забавено минување на сенките низ лицата, предметите, облиците. Подоцна, како возрасни автори, по заминувањето на Родителот, тие можат во еден навидум обичен лик да го распознаат растењето на тајновитоста, кога тој почнува да се двои, утројува, да се разлева низ воздухот и времето, дури да се вовлекува во ликот на животно, предмет, арчимболдовско овошје (или, како во случајот на Виткаци, се коригираат ликот и благоста на Родителот, па Таткото се преобразува во немилосрден, дури кастраторски соперник).

Зарем не е лесно и тука да се препознаеме? Во нашите игри со огледалата и со квечерините? Во разоткривањето на туѓите лица, во автобус или на плажа, во мачки, носорози или дури во жители на сенишниот свет. И пред сѐ, во безброј пати повторените и украсувани епизоди за мајките и татковците. За нашите непроценливи родители, кон кои сме некогаш толку попустливи, а некогаш очигледно неправедни. Така, често навредени од брзоплетоста на мајките, ги прогласуваме за нечувствителни, груби, додека она што беше вистинска грубост (на пример, кај мајка ти – колењето на кокошката во подрумот: со една рака го зграпчува коренот на крилцата, а со спротивната нога ги притиска нозете на жртвата; кај мајка ми – касапењето на стаорецот, исто така во подрум, со неколку последователни удари на лопатка по осакатениот труп) го истакнуваме за храброст! Така делумно прикривајќи дел од својот живот, ние делумно ги откриваме причините за тоа прекројување.
Останува нашата жед за конзервирани мигови. И нашата сензуалност, а зошто пак не? Знам, понекогаш дејствува збунувачки, понекогаш ја извртуваат. Се сеќаваш дека од стоте репродукции во „Еротизмот во сликарството“, особено ми се допадна „L’origine du Monde“ на Курбе, еден детален приказ на женскиот полов орган, медитерански според црната кадрава шума на Венериниот брег и обилноста на задникот. Но, за некои овдешни бизони (кои го оправдуваат овој прекар од детството станувајќи подоцна во животот снабдувачи со месо, газди на обложувачници, турбофолк-менаџери или дури „писатели под заштита на државата“ наспроти т.н. мачори со обезбедена петка по фискултура, со вештина недостижна за другите ученици во пентрање по јаже и прескок преку козле, а подоцна, со истата еластичност се распределија во трговци на големо, сопственици на туристички агенции, менаџери во спортот или исчезнаа во ноќта), јас сум сексуално нетокму, уште еден доказ не само за нивната бизонска тапост туку и за нивните скудни афективни можности. Но, да ги оставиме слабостите на другите. За нас – задоволството!

1.10.

Најмила,

Ова е повеќе разгледница отколку писмо. Затоа, пак, од пакетчето ѕирка изненадувањето: Виткаци во „СУМ“! Предмалку го донесоа од печатница и, еве, веднаш ти го праќам, свеж и пркосен.
Извини поради ракописот. Ти пишувам од големата фотелја, која сега ми личи на школка. Во собата сѐ уште се чувствува мирисот на „Felce Azzura“, ме потсетува на летувањето. Еве, поминаа речиси две недели, а морето е тука, во собата, и јас го слушам неговото дишење. Моќниот здив на праелементот. Колку ли бевме смешни во возбудата пред него! Зборовите зазбивтани, одлетуваа од нас, а ние ги пуштавме, заглушувајќи ги со други, уште понестрпливи. Денес ти е нешто богат речникот и умни досетките, ми кажа со насмевка, но пред допирот на морето, и иронијата ти беше нежна. Тогаш, се сеќаваш, можеби не случајно, наидовме на голото дете што се мешколеше на крајот од плажата, под расцутениот олеандер. Рамнодушно нѐ погледна. Не може да нѐ препознае, го оправда. А веднаш потоа, меѓу гранките на олеандерот (можеби пак намерно), здогледавме две дебели гасеници: едната црна, со црвени и жолти шарки, втората зелена, со портокалови и жолти. Како индиските фустани, ти се врати насмевката, еве од каде модните дизајнери ги позајмуваат своите идеи.

Откачени морски денови! Што ли мислел Виткаци на својата етнолошка екскурзија, на брегот пред непрегледниот Пацифик? Замисли го Окапито пред Океанот! Таму, каде што, мановски кажано, просторот држи монопол, па времето престанува да постои.
Но, и двајцата го знаеме тоа: оној што умее да раскажува, умее да молчи. Затоа, замолчувам. Засега. До вечерва, кога нашата приказна ќе го сочека своето следно продолжение.
Те љубам, без крај.