Фото: ЕПА

Во суштина, она на што најмногу се инсистира преку овој документ е зголемено присуство на Европската Унија во земјите од Западен Балкан и нивно активно вклучување во реформите за земјите што поскоро да влезат во ЕУ

Седум земји членки на ЕУ повикаа на импулс во соработката со државите од Западен Балкан

Седум земји членки на Европската Унија повикаа на подобрување на соработката со партнерите со Западен Балкан во областите на заедничката надворешна и безбедносна политика, како и на забрзување на пристапниот процес со тие земји. Документот беше поддржан од групата на земји наречена „Пријатели на Западен Балкан“, која ја сочинуваат Хрватска, Словенија, Австрија, Чешка, Грција, Италија и Словачка. Новиот нон-пејпер за Западен Балкан бил доставен и до Советот на министри за надворешни работи на ЕУ. Овие земји инсистираат Западен Балкан да стане висок приоритет за ЕУ, како и да им се обезбеди целосна поддршка за патот кон ЕУ.
Во документот се нагласува дека овој регион е изложен на различни влијанија однадвор, илегални мигранти, па затоа е неопходно усогласување на заедничката надворешна и безбедносна политика, но и активно да се работи на усогласување на позициите на земјите од Западен Балкан со стандардите на ЕУ.
Преку овој нов документ се предлага да се организираат почести средби со претставниците на земјите од Западен Балкан, а министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан да имаат поредовни средби со амбасадорите на земјите од ЕУ. Во суштина, она на што најмногу се инсистира преку овој документ е зголемено присуство на Европската Унија во земјите од Западен Балкан и нивно активно вклучување во реформите за земјите што поскоро да влезат во ЕУ.
„Ние, пријателите на Западен Балкан, делиме посебна одговорност за одржување на тој регион високо на политичката агенда на ЕУ и кога станува збор за поддршка на тие земји на европскиот пат“, се наведува во нон-пејперот, со кој министрите на земјите членки на ЕУ беа запознаени пред завчерашниот состанок во Брисел.
Групата повикува да се зајакне и забрза пристапниот процес, а од институциите на ЕУ се повикува да презентираат јасна програма за постепена и забрзана интеграција со конкретни правни чекори до 2024 година, која ќе се заснова на фер и ригорозни услови и принципи, се наведува во документот, чии делови пренесе и „Евроњуз Србија“.

Исто така се наведува дека Западен Балкан е изложен на „дестабилизирачки фактори, како што се малигното влијание на трети земји, хибридните закани и илегалната миграција“, така што ЕУ треба да додаде нов поттик во однос на зајакнувањето на соработката во областа на ​заедничката надворешна и безбедносна политика, како и дека треба да се зајакне дијалогот со земјите од Западен Балкан.
– Бидејќи очекуваме нашите партнери да се усогласат со надворешната политика на ЕУ, веруваме дека таков зајакнат дијалог ќе го продлабочи нивното разбирање за позициите на Европската Унија – се наведува во документот.
Партнерите од Западен Балкан се поканети најмалку еднаш на секои шест месеци на неформални дискусии на темите од заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и да промовираат целосно усогласување со неа. Истото тоа важи и за шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан кога станува збор за состаноците на Политичко-безбедносниот комитет на ЕУ, кои исто така треба да се одржуваат најмалку еднаш на секои шест месеци.
Групата од седум членки на ЕУ посочува дека треба да се зголемат присуството, видливоста и ангажманот на ЕУ во регионот, меѓу другото, преку поредовни и координирани посети на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, како и преку вклучување на членките на ЕУ во подготовка и промоција на семинари на одредени теми.

Според документот, треба да се воспостават редовни размени и експертски работилници за прашањата за човековите права, покрај тековните активности поврзани со имплементацијата на Поглавјето 23, со акцент на зајакнување на учеството во тематските области и програми на ЕУ.
Нон-пејпер значи и подобрување на подготвеноста за решавање сајбер-инциденти, а партнерите од Западен Балкан се поканети да ја посетат Агенцијата за сајбер-безбедност на ЕУ (ENISA) за дополнително да се запознаат со системот за сајбер-безбедност на ЕУ и да промовираат целосна усогласеност со законодавството на ЕУ.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел завчера во Брисел организираше средба со министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
– Целта на министерскиот состанок беше дополнително да се интензивира ангажманот на ЕУ на Западен Балкан, со акцент на заедничките безбедносни предизвици, како што се странското мешање и манипулација со информации, сајбер-заканите и последиците од руската агресија врз Украина, како и соработката во меѓународните организации – вели Борел.

Факсимил од нон -пејперот

Подготвил: Митко Јовановски