Во првите полуфинални дуели на 68-то издание на најсилното европско фудбалско клупско натпреварување, утре Реал Мадрид од Шпанија го пречекува Манчестер сити од Англија, а в среда е дуелот на италијанските градски ривали Милан и Интер

ФУДБАЛ – ПОЛУФИНАЛЕ ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Со мечевите утре и задутре почнува разврската во фудбалската Лига на шампионите сезонава, на патот кон финалето во Истанбул. Во првите полуфинални дуели на 68-то издание на најсилното европско фудбалско клупско натпреварување, утре актуелниот континентален и планетарен првак Реал Мадрид од Шпанија го пречекува Манчестер сити од Англија, а в среда е дуелот на италијанските градски ривали Милан и Интер.
Кога станува збор за Реал Мадрид во Лигата на шампионите, статистиката зборува сама по себе, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Ова е десетти полуфинален настап за Реал Мадрид во елитното клупско натпреварување во претходните 12 сезони, а тимот игра за шестата титула од 2014 година, а заедно за вкупно 15-та.
За да се даде одреден контекст, ниту еден друг клуб не освоил повеќе од седумте титули на Милан. Шпанската екипа има самодоверба во ова натпреварување. Манчестер сити без сомнение треба да биде најтежок тест сезонава, пишува УЕФА.
Снемува суперлативи за да се опише силата на Ерлинг Холанд од Манчестер сити. Норвешкиот напаѓач повторно го привлече вниманието во Лигата на шампионите и постигна два гола на двата четвртфинални натпревари против Баерн.

Тој сега има 12 погодока сезонава и може да има шанса да собори еден долгогодишен рекорд, 17-те гола што Кристијано Роналдо ги постигна за Реал Мадрид во сезоната 2013/2014. Сепак, ако Манчестер сити успее да се пласира во финалето на Лигата на шампионите, тоа би значело дека Холанд има три натпревари за да постигне најмалку шест гола и да испише историја, пишува УЕФА.
Тоа, сигурно, е голема цел, но ако некој може да го направи, тоа е 22-годишната гол-машина, а Холанд сезонава собори уште еден рекорд, откако му требаа само 27 натпревари за да достигне 35 гола во Лигата на шампионите.
Речиси точно 20 години откако последен пат се сретнаа во полуфиналето на Лигата на шампионите, градските ривали Милан и Интер се подготвени за она што сигурно ќе биде фасцинантен натпревар. Стадионот „Сан Сиро“ ќе биде домаќин на двата меча од осминафиналето. Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, секако добро го знае значењето на противниците.
– Знаеме што претставува ова дерби за сите тука и ќе го одиграме на најдобар начин – вели тој.
Некоја магија од офанзивните ѕвезди Рафаел Леао и Лаутаро Мартинез може да ја направи сета разлика.
Леао беше во добра форма уште еднаш за Милан во нивниот четвртфинален реванш, ремито со Наполи. По возбудливата акција на португалското крило Оливие Жиру го постигна првиот гол во натпреварот, а тој сега има четири асистенции во десет натпревари во Лигата на шампионите сезонава.
Мартинез, пак, имаше големо влијание за Интер во ремито 3-3 со Бенфика во реваншот од четврт-финалето. Постигна еден гол, асистира за уште еден, а Аргентинецот се чини дека ја достигнува својата најдобра форма во завршницата на сезоната. Н.М.


Италија има најмногу полуфиналисти

Италија има тимови во полуфиналињата во секој од трите европски фудбалски купа, вкупно пет. Интер и Милан се во Лигата на шампионите, Рома и Јувентус во Лига Европа и Фиорентина во Конференциската лига.
По два тима меѓу четирите најдобри во трите европски купа имаат Шпанија (Реал Мадрид во Лигата на шампионите и Севилја во Лига Европа) и Англија (Манчестер сити во Лигата на шампионите и Вест хем во Конференциската лига), а по еден клуб има од Германија (Баер во Лига Европа), Швајцарија (Базел во Лига Европа) и од Холандија (АЗ Алкмар во Конференциската лига).
Победникот на Лига Европа во следната сезона ќе добие право да се натпреварува во групната фаза на Лигата на шампионите, а тимот што ќе триумфира во Конференциската лига ќе може да настапи во Лига Европа. Од ланските победници во трите европски клупски натпреварувања, сезонава во трка по нови трофеи се Реал Мадрид (славеше во Лигата на шампионите) и Рома (победи во Конференциската лига)


Тројца тренери од Емилија-Ромања

Во трката за титулата во Лигата на шампионите (ЛШ) се и четворица тренери, двајца од нив веќе со европска фудбалска клупска титула како кормилари, и тоа Италијанецот Карло Анчелоти од Реал Мадрид и Шпанецот Пеп Гвардиола од Манчестер сити.
Анчелоти е најтрофејниот тренер, со четири пехари во ЛШ, откако освои по две титули со Милан и со Реал Мадрид. Згора, тој беше европски првак и како фудбалер, двапати со Милан.
Гвардиола, пак, двапати беше шампион со Барселона како тренер и еднаш како фудбалер на тој клуб. Една титула како фудбалер има тренерот на Милан, Стефано Пиоли, со Јувентус.
Анчелоти и неговите сонародници Симоне Инзаги, кој е тренер на Интер, и Пиоли потекнуваат од регионот Емилија-Ромања на северот на Италија, а нивните родни градови Реџиоло, Пјаченца, односно Парма, се на околу 100 км оддалеченост.


ПОЛУФИНАЛИЊА НА ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Реал М. – Манчестер С. утре
Милан – Интер среда
реваншите се на 16 и 17 мај

ЛИГА ЕВРОПА
Рома – Баер четврток
Јувентус – Севилја четврток
реваншите се на 18 мај
КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Вест хем – АЗ Алкмар четврток
Фиорентина – Базел четврток
реваншите се на 18 мај
сите мечеви почнуваат во 21 часот