Фото: Игор Бансколиев

Самостојното чествување на историските личности е „добра состојка во комплексната формула за релаксирани добрососедски македонско-бугарски односи“, така што секој ќе може слободно да го истакнува сопствениот историски наратив онака како што чувствува, без некој некому нешто да му наметнува и условува. Брзоплето потпишаниот Договор за пријателство и соработка со Бугарија, во онаква форма и содржина во каква што го имаме сега, претставува клучниот генератор што ги предизвика сите проблеми во односите меѓу двете земји, кои се на најниско ниво во последните 80 години, сметаат соговорниците историчари, аналитичари и професори

Заедничкото чествување датуми и личности со Бугарија се покажува како контрапродуктивно

Без инциденти, протестни ноти и вербални закани за нови блокади од страна на Бугарија помина неодамнешното одбележување на 120-годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје, што е најдобра потврда дека заедничкото чествување е погрешен пристап, кој само дополнително ги конфронтира двете држави и двата народа.
Имено, пред нешто повеќе од два месеца, кога се одбележуваа 151 година од раѓањето на Делчев, се случи инцидент предизвикан од група бугарски граѓани, кои насила сакаа да поминат на граничниот премин Деве Баир и да дојдат во Скопје, поради што мораше да реагираат граничните служби. Бугарските власти го оквалификуваа тоа како намерна провокација од македонска страна, а некои од тамошните политичари побараа Софија повторно да ја врати блокадата на македонските евроинтеграции.
Сето ова говори дека брзоплето потпишаниот Договор за пријателство и соработка со Бугарија, во онаква форма и содржина во каква што го имаме сега, е клучниот генератор што ги предизвика сите проблеми во односите меѓу двете земји, кои се на најниско ниво последните 80 години и кои ќе продолжат уште повеќе да се влошуваат ако бугарската страна продолжи со агресивната експанзионистичка политика.
Годинешното одбележување на денот на убиството на Гоце Делчев, иако со засилено полициско присуство и контроли, сепак помина во една понормална атмосфера, слична на оние кога Македонија сама ги одбележуваше датумите од сопствената историја.
Во исто време, Бугарија сама го одбележа овој датум со својот познат наратив дека Гоце Делчев „се борел за слободата на Бугарија“.
Како и да е, ова само потврдува дека самостојното чествување на историските личности е најдобриот рецепт да се релаксираат зовриените македонско-бугарски односи, така што секој ќе може слободно да го истакнува сопствениот историски наратив онака како што чувствува, без некој некому нешто да му наметнува и условува.
Историчарот Тодор Чепреганов целосно се согласува дека секој сам треба да си ги одбележува историските настани и дека проблемите настанале во оној момент кога во Договорот за пријателство и соработка се спомнало заедничко чествување на важните датуми и личности.

– Ова само покажува дека ние треба да си се вратиме на чествувањето на Гоце Делчев како што беше пред потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка. Додека не беше потпишан тој договор, ние си имавме многу нормално чествување секоја година, како на 4 февруари, така и на 4 мај. Секоја година сме оделе и сме положувале цвеќе без никаков проблем – вели Чепреганов.
Според него, ова е вистинскиот начин како Македонија треба да си ги одбележува важните датуми од сопствената историја.
– Нема потреба од заедничко чествување. Ова е најдобриот рецепт како треба да се одбележуваат овие датуми. Бугарите нека си го прославуваат како што сакаат, ние ќе си го прославуваме како што нам ни одговара. Ова важи за сите датуми од нашата историја – истакнува Чепреганов.
За него само по себе е спорно воопшто нешто да се чествува заеднички со Бугарија, бидејќи станува збор за различни пристапи и гледишта на историјата и затоа не треба воопшто да се воспоставува таквата практика.
– Што ќе чествуваме заеднички со нив? Гоце Делчев се борел за санстефанска Бугарија? Не. Гоце Делчев се борел за македонска држава и самостојност. Како тие две работи ќе ги споиме на заедничко чествување? Тоа се две спротивни идеологии – констатира Чепреганов.
Тој смета дека Бугарија во целата работа настапува со поинаква интенција, преку заедничкото чествување всушност да наметне мислење дека Македонија има заедничка историја со Бугарија.
– Кога сите тие личности ќе почнеме да ги чествуваме заеднички, доаѓаме до заедничка историја. Едноставно и тие луѓе во комисијата не се свесни што прават, ама политиката, за жал, длабоко ги вплеткала прстите во целата оваа работа и ја води целата игра, без чувство за заштита на сопствените национални интереси – посочува Чепреганов.
Тој смета дека засиленото полициско присуство на неодамнешното одбележување 120 години од убиството на Делчев на пристапите до црквата „Свети Спас“ било претерано и непотребно.
– Немаше потреба од толку полиција, толкави кордони што ги спречуваа граѓаните да дојдат и да се поклонат пред македонскиот револуционер, небаре ние сме атентатори. На човек му се одмили да оди да чествува ваков датум кога треба да биде предмет на претреси, контроли, во сопствената држава. Како граѓанин се чувствувам понижено. Го заробивме Гоце Делчев во сопствената држава – заклучува Чепреганов, уште еднаш истакнувајќи дека нема потреба од никакви заеднички чествувања со Бугарија.