ТЕНИС

На турнирот од Третата европска зона неделава на терените на ТК Југ ќе настапат Македонија, Летонија, Молдавија, Малта, Ерменија и Црна Гора. Најдобрите три селекции в година ќе играат во Втората светска група на Дејвис-купот

Тениската федерација на Македонија (ТФМ) од утре до сабота ќе биде домаќин на Дејвис-купот, Третата европска зона. Овој значаен турнир со репрезентативно реноме ќе се одржи на терените на ТК Југ во Скопје (почетокот на првите мечеви е во 10.30 часот).
Покрај македонската репрезентација, во настојувањето за влез во Втората светска група ќе настапат и Летонија, Молдавија, Малта, Ерменија и Црна Гора. Боите на Македонија на ова натпреварување ќе ги бранат Калин Ивановски, Берк Бугариќ, Амар Хусеиновиќ и Кристијан Јанев, пишува Тениската федерација на Македонија, на својата интернет-страница.
– Среќни сме и задоволни што по четири години повторно сме домаќини на ова натпреварување. Подготовките одлично ги одработуваме. Очекувам да покажеме најдобар тенис и да ја поминеме оваа група, сепак, ние сме за повисок ранг во ова натпреварување. Во деновите кога се мечевите ќе дадеме сѐ од себе, а наедно ги повикувам сите што се во можност да ни дадат поддршка за време на нашите мечеви – вели македонскиот тенисер Калин Ивановски, пренесе Тениската федерација на Македонија.

Најдобрите три селекции од турнирот во Скопје в година ќе играат во Втората светска група, а последнопласираните две ќе настапат во Четвртата зона на Дејвис-купот. Г.И.