Вкупно 11 македонски претставници, од кои шест шахисти во пет возрасни категории (до 10, 12, 14, 16 и до 18 години) и пет шахистки во три возрасни категории (12, 14, 16 години), ќе учествуваат на Европското првенство (ЕП) за млади (девет кола, класично време за размислување), кое ќе се одржува во Турција од недела. Во машка конкуренција најголем македонски адут е ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Емил Ристески (категорија до 18 години), а кај девојките, младата Моника Жежовска (до 14 години), кои ги бранеа репрезентативните бои на Македонија на неодамнешната Шаховска олимпијада во Индија. Ова ќе биде нова убава можност македонските учесници да остварат добар пласман и да освојат нови рејтинг-поени за напредок на светската рејтинг-листа. На ЕП за млади вкупно во сите категории ќе настапат 1.001 учесник (меѓу нив 17 ИМ, 5 ЖИМ, 71 ФМ, 27 ЖФМ) од 46 држави. Г.И.