Фото: „Нова Македонија“

Затворањето на клубот „Вапцаров“ на Македонците во Бугарија од одредени политички позиции се коментира и се препознава како „возвратно дејство за бугарските клубови во Македонија“. Но, од друга страна, се поставува прашањето зошто тоа би било така кога бугарските клубови носат имиња на докажани соработници на фашизмот што предизвикуваат вознемирувачки реакции во македонската јавност, а клубот „Никола Вапцаров“ во Бугарија е именуван по великан на пишаниот збор, поет, хуманист и антифашист. А, пак, министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, изјави дека бугарскиот клуб во Охрид и македонскиот во Благоевград не им прават услуга на двете заедници и дека не се во духот на пријателството и добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија…

Непосредно по отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград, Бугарија, во јавноста се прошири веста дека „во Централниот регистар на Бугарија е наведено дека Граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човекови права, кое е основач на клубот „Никола Вапцаров“, всушност е – во ликвидација“. Имено, уште пред три години бугарското обвинителство повело постапка против здружението, кое е регистрирано во 2019 година, а случајот добил правна разврска во втората половина на октомври, непосредно пред отворањето на клубот. Основата за укинување на здружението е случајот отворен во Јавното обвинителство во Благоевград, со тврдење дека „целите на здружението се спротивни на бугарскиот устав и законите“.

Различни се појдовните точки на македонските и на бугарските клубови

Затворањето на клубот „Вапцаров“ на Македонците во Бугарија од одредени политички позиции се коментира и се препознава како „возвратно дејство за бугарските клубови во Македонија“. Но од друга страна, се поставува прашањето зошто тоа би било така кога бугарските клубови носат имиња на докажани соработници на фашизмот што предизвикуваат вознемирувачки реакции во македонската јавност, а клубот „Никола Вапцаров“ во Бугарија е именуван по великан на пишаниот збор, поет, хуманист и антифашист. Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, изјави дека бугарскиот клуб во Охрид и македонскиот во Благоевград не им прават услуга на двете заедници и дека не се во духот на пријателството и добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија. Ставањето еднаквост меѓу македонскиот клуб во Бугарија и бугарските во Македонија, од страна на висок претставник на македонската влада, дополнително создаде атмосфера на неправеден третман и обвинување на борбата за основни човекови права за Македонците во Бугарија.
– Не може да се прави паралела меѓу отворањето на македонскиот клуб во Благоевград, Бугарија, и бугарските клубови што никнуваат во Македонија. Во Бугарија, дејствувањето на Македонците во организацијата на клубови е барање на основни човекови права, додека бугарските клубови во Македонија се израз на дејствување на сомнителни кругови, кои со своите активности го фаворизираат фашизмот. Различни се појдовните точки на македонските и на бугарските клубови. Идеологијата и целите на бугарските клубови што се инфилтрираат во Македонија се спротивни на сите цивилизациски стандарди, кои се официјализирани во актите на Обединетите нации и Советот на Европа, како регионална организација. Секој што сака да направи паралела меѓу овие две работи има агенда да ги поткопа човековите права, владеењето на правото и демократските институции, како придобивки на антифашизмот – вели адвокатот Тони Менкиноски, застапник на македонските организации во Бугарија пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Бугарија веднаш укинува, Македонија менува регулатива

Иако потребата за измени по брза постапка на Законот за регистрација на здруженија и фондации во Собранието е донесена едногласно и, всушност, веќе е усвоено изменетото законско решение, сепак и според новите одредби на законот, на спорните бугарски здруженија во Македонија, „Цар Борис Трети“ и „Ванчо Михајлов“, ќе им биде оставен рок за усогласување со новата законска состојба. Односно, овие здружени ќе имаат време од три месеци да ги сменат имињата и да се приспособат изменетите член 4, став 2 од Законот за здруженија и фондации, кој гласи: „Се забранува основање на организација ако програмата, целите, дејностите и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна, верска омраза или друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстерминација, ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, националсоцијализам и Третиот Рајх, преземање на активности поврзани со тероризам, преземање на активности кои се спротивни на Уставот или закон и преземање на активности со кои се повредуваат слободите и правата на други лица“. Во исто време, и покрај 17-те пресуди од Европскиот суд за човекови права со кои ѝ се наложува на Бугарија да ги регистрира македонските здруженија, бугарските судови повторно ставаат „во ликвидација“ уште едно македонско здружение (она што го отвора клубот „Никола Вапцаров“), со образложение дека е спротивно на бугарскиот устав и закон. Наспроти едногласноста во Собранието и поддршката во македонската јавност, од политичките кругови на власта беа изразени резерви околу ретроактивното дејство на изменетиот Закон за здруженија и фондации, поврзани со можноста овие здруженија да поднесат тужби пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
– Не гледам никаква основа за тужби пред ЕСЧП во Стразбур од бугарските здруженија со имиња на фашистички колаборационисти, инфилтирани во Македонија, поради измените на Законот за здруженија и фондации. Фашизмот не поминува во европските институции, а Судот во Стразбур би се погазил самиот себе ако поддржи организации и здруженија што промовираат фашизам. Европскиот суд за човекови права е независна институција, на која не можат да влијаат ниту големите политички лидери, како Макрон, Шолц, ни Бајден. Најавите за тужби во Стразбур од овие контроверзни бугарски здруженија повеќе наликуваат на блеф на бугарската политика – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд на Македонија.

Правото е едноставно право и не смее да се погази за политички опортунизам

За заканите со тужби до ЕСЧП во случај на бришење од македонскиот регистар на бугарските здруженија, доколку во законскиот рок не се приспособат на измените во Законот за здруженија и фондации, адвокатот Менкиноски вели дека некој погрешно ги советувал бугарските империјалисти и шовинисти. Дури и да им се сериозни намерите за тужби тие ќе паднат пред ЕСЧП и односот на добиени пресуди во истиот суд меѓу Македонија и Бугарија, ќе остане 17:1.
– За граѓански организации во Бугарија, кои се мирни и бараат зачувување на основните човекови права, бугарското јавно обвинителство поведува постапка. А во Македонија, каде што ни се случува формирање фашистички организации, Јавното обвинителство наместо да поведе постапка за нивна забрана (за што има право и надлежност), се настапува со замена на теза со која се тврди дека немаме надлежен орган, кој може да ги забрани овие здруженија. Па целиот процес, поради некаков политички опортунизам (наводно во интерес на евроинтеграциите) се одолжува со измени на закон и некакви дилеми за неговата ретроактивност. Правото е право, секогаш и не смее да се погазува заради политички опортунизам – вели адвокатот Тони Менкиноски.