Репрезентацијата на Полска ја освои втората европска титула / Фото: ЕПА

На ова ЕП се играше одбојка на највисоко ниво. Сведок на тоа беше и нашата публика кога игравме во Скопје. Видовме нешто што е најсовремено, најдобро, најново во одбојката, а тоа се потврди и во финалниот натпревар помеѓу Италија и Полска. Имавме среќа и чест да играме со двата финалисти, со што фактички и ја почувствувавме нивната силина, што нѐ прави и задоволни оти ќе немаме секогаш можност да играме со вакви селекции, вели Миленкоски, по завршувањето на Европското првенство, на кое Полска вторпат ја освои титулата, а Македонија го постигна најголемиот успех досега, со пласманот на 16-то место

ЈОШКО МИЛЕНКОСКИ, СЕЛЕКТОР НА МАШКАТА ОДБОЈКАРСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Машката одбојкарска репрезентација на Полска е нов европски владетел, откако во Рим ја совлада домашната селекција на Италија, која до овој меч беше актуелен европски и светски првак, со 3-0 во сетови (25-20, 25-21, 25-23) и вторпат во својата историја го освои најсјајниот медал. Италија петти пат загуби финален натпревар. Третото место ѝ припадна на Словенија, која во возбудлив и неизвесен натпревар го совлада олимпискиот шампион Франција со 3-2 (25-22, 25-16, 21-25, 18-25, 15-11). За Словенија ова е прва бронза, а претходно во три наврати го освои сребрениот медал (на ЕП во 2015, 2019 и во 2021 година).
За тоа каква одбојка се играше на ова ЕП 2023, кои новитети беа применети, дали пласманот беше реален, придобивките за македонската одбојка од сето ова и кои се идните планови на репрезентацијата, разговаравме со македонскиот селектор Јошко Миленкоски, кој со македонската репрезентација го постигна досега најголемиот успех, освојувајќи го 16-то место во конкуренција на 24 европски селекции.
Кои се придобивките за македонската одбојка од ова ЕП, на кое една група се играше и во Скопје?
– Придобивките за Македонија се огромни од ова Европско првенство. Пред сѐ на натпреварите во Скопје присуствуваа голем број гледачи, притоа видоа нешто што е најдобро во светската одбојка, а јас се надевам дека по Европското првенство ќе привлечеме повеќе млади играчи во нашите клубови да тренираат. Организациски, исто така, едно големо искуство, а и за играчите секако непроценливо натпреварувачко искуство, оти не знам во скоро време кога ќе играме повторно против еден европски и светски шампион.
Кои се идните репрезентативни активности?
– До следната пролет нема репрезентативни активности за Македонија, односно до почетокот на новата Златна европска лига. Репрезентациите сега ќе се вртат кон клупските обврски, освен оние што од октомври ќе играат на олимписките квалификации, а потоа ќе почне и новата Светска лига.
Каква одбојка видовме на глобално ниво на ЕП 2023, на кое титулата вторпат ја освои селекцијата на Полска?
– На ова ЕП се играше одбојка на највисоко ниво. Сведок на тоа беше и нашата публика, кога игравме во Скопје. Видовме нешто што е најсовремено, најдобро, најново во одбојката, а тоа се потврди и во финалниот натпревар помеѓу Италија и Полска. Имавме среќа и чест да играме со двата финалисти, со што фактички и ја почувствувавме нивната силина, што нѐ прави и задоволни оти ќе немаме секогаш можност да играме со вакви селекции. И завршницата во Рим беше одбојка на највисоко ниво, а финалистите покажаа дека се подобри дури и од Бразил, додека Русија немавме можност да ја видиме, оти не настапи. Видовме врвни одбојкарски имиња од Италија како што се Микелето, Џанели, Лавиа, а од другата страна, пак, Качмарек, Шливка, Кохановски…

Очекувавте ли дека Полска ќе слави толку брзо во само три сета?
– Полјаците не победија лесно иако славеа со 3-0 во сетови, но секако дека тоа никој не го очекуваше, да биде толку резултатски изразено. Но кога ќе видиме со каков состав располагаше Полска и каква силна клупа имаше, па дури немаше потреба често да влегуваат во игра ни еден Курек, Семенјук и други квалитетни играчи, и не изненадува резултатот на селекторот Грбиќ. За разлика од нив, Италија играше цело ЕП со една иста постава од шест-седум одбојкари, па дури и против нас во осминафиналето.
Пласманот на другите селекции имаше ли некое изненадување?
– Другиот пласман гледано глобално е реален. Уште од почетокот велев дека Полска ќе биде финалист 100 отсто, а за медал ќе се борат Италија, Словенија и олимпискиот шампион Франција, што и се обвистини. Добро одигра и Холандија, со која и ние, ете, игравме…
Имаше ли некои одбојкарски новитети или, пак, назнаки за нови трендови во играта?
– Во тактичкиот дел – не. Веќе подолго време сите играат на ист начин. Понекогаш се играше и со формација на три примачи, што го сторивме и ние кога игравме без капитенот Никола Ѓоргиев против Холандија. Некои селекции го применуваа и системот на игра без класичен коректор, но речиси 90 отсто се играше на ист начин во тактичкиот дел и системите за напад и за одбрана. Само разликата на ова ЕП е во квалитетот на играчите и нивните физички предиспозиции. Најдобрите репрезентации имаат многу одбојкари двометраши, силни, а некои во својот состав и поголем просек на висина од еден кошаркарски клуб, каде што има повеќе ниски бекови. Против таквите играчи е тешко да парираш, а и ние видовме кога игравме против Италија и Полска дека речиси секој беше подготвен да напаѓа и над блокот, а ние бевме немоќни да ги спречиме, оти тие со висина, скочност и експлозивност едноставно се супериорни. Не можевме да ги спречиме ни со троен блок на мрежата.
Очекувања на клупски план со вашиот клуб?
– Почнавме да тренираме со мојот клуб за новата сезона. ПАОК, Олимпијакос и Панатинаикос се трите најдобри екипи во Грција, кои имаат и најдобри состави, што значи нѐ очекува уште едно интересно и неизвесно првенство. Амбиции секако и годинава имаме, лани го освоивме Купот, а годинава ќе видиме како сето тоа ќе се одвива. Уште е рано да се прогнозира.

[email protected]