За (не)сложните браќа

Деновиве ја читав одново книгата на Јанис Варуфакис, бившиот министер за финансии на Грција од времето кога СИРИЗА беше сè уште сметана не само за крајна левица туку и за надеж за европската и глобалната сцена. Помеѓу две страници од ова извонредно сведоштво ја погледнав „веста“, поточно изјавата на Заев дека тој и Ципрас ќе останат браќа довека. Инстинктивно си помислив: точно, вие сте браќа по криминал! Секој од вас го излажа и изманипулира својот народ, а левата идеологија ја доведе до безнадежност (иако СДСМ беше „опериран“ од левичарење веднаш по падот на Берлинскиот ѕид и преминот кон т.н. транзиција).
Видете ја паралелата на сложниве браќа: Ципрас организираше референдум за уцената наречена Меморандум на Еврогрупата (центарот на моќта на еврозоната) и потоа кога народот кажа НЕ, тој му го сврти грбот и постапи како што бараа оние од Берлин и Франкфурт. Заев организираше референдум за Преспа на кој не само што лобираше ЗА туку и ангажираше странски пиар-компании да му го перат мозокот на народот. Кога доби резултат што не го посакуваше, им го сврти грбот на Уставот и на народот и постапи како што му рекоа европско-американските господари. Двајцата „браќа“ по зло покажаа дека волјата на народот е небитна и дека може лесно да се погази. Тие ја научија лекцијата дека волјата на западните центри на моќ е онаа што се важи и од која зависат нивните позиции (па и слобода). За Македонија да не ви кажувам – си знаете, но ако со едно око барем гледате што се случува во Грција, ќе забележите пустош: од онаа катастрофална железничка несреќа, до пожарите и поплавите на двата краја на земјата. Зборувам со грчки колега за овие апокалиптични сцени, а тој ми вели: е па, гласаше народот за Мицотакис. Го прашувам: а, имаше ли подобра алтернатива? Одговорот беше кус: НЕ! Грчката финансиска трагедија одамна не е топ-вест, бидејќи ЕУ сака да каже дека ја решила (ние знаеме на своја кожа колку сакаат „успешни приказни“), а тоа му одговара и на Мицотакис. Обичниот народ си знае по своја кожа, ама е немоќен.
Еден детаљ особено ми одѕвонуваше во главата додека ја читав книгата на Варуфакис, а кој сметам дека е сега толку актуелен за нашата политичка загатка: СИРИЗА доаѓа на власт во 2015 година со ветување дека ќе ја ослободи земјата од стегите на доверителите во ЕУ и ММФ, односно дека ќе преговара за „подобар и пофер договор“ (од оној што претходно го прифати Самарас и кој земјата ја доведе во должничко ропство), а во духот на демократијата.

Нужно ви се појавуваат изјавите на лидерот на опозицијата и неговите први соработници дека сакаат мандат на наредните избори со цел да се изборат со ЕУ околу „подобра преговарачка рамка“ и пофер услови „во согласност со европските вредности“ (да, некои луѓе се фатиле за тие вредности како слеп за стап и не гледаат дека такво нешто не постои и дека ЕУ е корпоративна и прагматична творба за која вредностите се само надворешен декор).
И Варуфакис и владата на СИРИЗА своевремено мислат дека нивните европски собраќа ќе ја видат неправдата што ѝ се нанесува на Грција, во смисла на заштита на олигарсите и корумпираните, а префрлање на товарот на пензионерите, социјалните случаи и сиромашните работници. Веруваат наивно дека ќе поттикнат некаква класна солидарност и емпатија, дека некој и таму ќе се сети дека е тоа нехумано и неправично… Сè до моментот кога владејачката партија и нејзината врхушка не се соочат со изборот: борба или чување на својата кожичка и фотелја. Знаете за што се одлучија. Ние овде често посакуваме пасокизација на СДСМ, но еве земјата во која ПАСОК навистина стана незначителна партија не го смени системот. Кога си негов заложник, а особено должник, зависиш од трошките што ти ги потфрлаат во вид на заеми и кредити, системот е тој што не те пушта од канџите.
Кога ние како граѓани би читале, а особено политичарите, можеби би научиле нешто од оваа грчка епизода, но бидејќи овде ретко се чита нешто повеќе од ФБ-статуси, твитови или наслови на портали (па и колумнава не знам колкумина ќе ја прочитаат), поуката мора да дојде во куса верзија. А таа гласи: со членство во ЕУ или на патот кон ЕУ (како вечен кандидат или нешто слично), значењето на политичката демократија е сведено на нула. Во тој простор доминираат економијата и финансиската олигархија, тела што немаат изборен легитимитет, кои не се одговорни пред никого – освен пред помоќните од нив.
Веќе е познато дека од почетокот на војната во Украина, ЕУ стана филијала на НАТО, а НАТО отсекогаш бил инструмент на американската политика. Затоа, јас не верувам дека со победа на избори во еден ваков затворенички контекст и со Дамоклов меч над главите, некои од политичариве ќе успеат да ѝ покажат на ЕУ колку е неправедна кон Македонија, или дека ќе ја „искараат“ Бугарија, а уште помалку дека ќе смогнат сила да кажат НЕ (барем за миг, барем во степен во кој Варуфакис се бореше и му го врати дигнитетот на обичниот човек). Моите грчки пријатели не го сакаат Јанис, сметајќи го за нарцисоиден и претенциозен, а сега и лузер како лидер на малата левичарска партија МеРа25, но дури и (зло)употребен од Циципас во најтешките месеци на владата на СИРИЗА, тој покажа како изгледа кога им се зборува вистината на оние што не сакаат да ја слушнат. Најважната лекција беше: изборите се неважни, демократскиот принцип и демосот можат да прават што сакаат, ама одлуките ги носиме ние (во Франкфурт, Берлин или Париз).

Дволичноста на т.н. европски лидери, но и нивното отсуство на чувство за солидарност и европеизам, е легендарно: едно ќе ви кажат приватно, но на јавна сцена знаат кој е „шефот“ (Германија и корпоративната моќ). Е, проблемот е што сега ни германскиот модел не функционира: ги нема евтините енергенти од Русија, а има големи издатоци за воениот сектор. Ако Германија тоне (економски, ама и политички), тогаш може да замислите како е кај послабите членки.
Гледано низ глобална призма, низ сликите на ужасите од Мароко и особено Либија, т.е. низ апокалиптичните сцени во распаднати држави поради спој на природни катастрофи и социјален колапс, нашите „бугарско-европски маки“ се безначајни. Ако ЕУ не е во можност да ѝ помогне на Грција, тогаш зошто и како би ѝ помагала на Либија, растурена од НАТО! Земја вратена во пред камената доба со смена на еден режим што не беше демократски, ама беше социјален и во кој луѓето градеа брани за кои се грижеа и имаа домови, стипендии за учење, здравствен систем итн. Оддалечете го погледот од Европа, Медитеранот и северна Африка, па ќе сфатите колку светот се менува додека ние си вадиме очи за буквално безначајни нешта како што е ЕУ-интеграцијата. Во Хавана, во земјата што е предмет на најдолгорочни и најдраконски санкции, се одржува самит на 134 држави-членки на ОН, наречен Г-77 плус Кина (претставници на 80 отсто од населението на планетата). Овој следува по самитот на БРИКС неодамна завршен во Јужна Африка. Крикот на т.н. глобален југ против неправедниот глобален економски систем, империјалната моќ на Западот и нивната политика на уцени, експлоатација, еколошка девастација и бомби го поткрева небото.
Само ние „седиме на ушите“, па ништо не слушаме и се занимаваме со закони, кои наводно ги донеле Дарт Вејдер и комунистите, додека затворите се празнат, а оние што треба/мора да се во затвор минуваат низ уште една (не знам која по ред) „амнестија“, прочистување, заташкување и „помирување“.

Се чини, сме се побратимиле со неправдите и со неранимајковците, кои мавтаат со европски и американски знамиња, па не слушаме и не гледаме дека не сме единствените што се колонии на Империјата, која отсекогаш се потпирала на послушни „браќа“ што му го вртеле грбот на сопствениот народ. Забавата за народ преку ФБ-препукувања само им помага на овие што сакаат да веруваме дека има плурална демократија.
Да резимирам: во ЕУ нема демократија! (Во САД, па ич!) Колку повеќе зборуваат за вредности, толку повеќе се заплеткани во грабежи и замолчување на секоја опозиција, колку повеќе заплашуваат со Кина, толку повеќе се загрижени дека нивната „развојна политика“ веќе не може да се носи со титанскиот развој на оваа земја. За Украина се загрижени исто колку и за Либија: прво ја разурнаа, па сега ронат солзи врз загинатите во поплавите. Обама уште има „образ“ да кажува каде и како да се даде хуманитарна помош на една нација и цивилизација што тој и Хилари ја сотреа. По сè, немојте да замерите ако не сум воодушевена од „планот на ВМРО-ДПМНЕ“ да го смени „францускиот пакет“ или да ја врати правдата преку избори. Изборите се играчки за мали деца, а јас веќе остарев доволно за да знам дека тоа е така. Владеењето на народот (демократијата) или го има во темелите на општеството (социјалната и економската сфера, распределбата на општите и јавните добра, на работните места) – или го нема. Затоа не земајте го сериозно оној божемен Меѓународен ден на демократијата, бидејќи и она што го имаше веќе го нема. Но, нешто ново е во повој. Доаѓа…