Последната посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Албанија е токму во таа насока, да направи сѐ за да ги стави во заблуда тамошните Македонци, за на пописот што почнува денеска и кој ќе трае во следните шест недели да се попишат како Бугари. И не само тоа, неодамнешната посета на Јотова на регионите во Албанија каде што живеат Македонци има и поинаква уште поперфидна конотација: да ја притисне официјална Тирана да не ги спречува агресивните методи на бугарската дипломатија врз македонското малцинство во Албанија, оти во спротивно и Тирана ќе се соочи со бугарско вето во евроинтеграциите

Додека македонското МНР анемично преку соопштение ги охрабрува Македонците во Албанија да се попишат на пописот, Бугарија работи агресивно и директно

Спротивно на Договорот за пријателство и соработка, Бугарија ја продолжува асимилаторската политика врз припадниците на македонското малцинство во Албанија, но и во другите соседни земји, со единствена цел, да покаже дека кога наоколу во регионот нема Македонци, тогаш ги нема ниту во државата Македонија.
Последната посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Албанија е токму во таа насока, да направи сѐ за да ги стави во заблуда тамошните Македонци, за на пописот што почнува денеска и кој ќе трае во следните шест недели да се попишат како Бугари. И не само тоа, неодамнешната посета на Јотова на регионите во Албанија каде што живеат Македонци има и поинаква уште поперфидна конотација: да ја притисне официјална Тирана да не ги спречува агресивните методи на бугарската дипломатија врз македонското малцинство во Албанија, оти во спротивно и Тирана ќе се соочи со бугарско вето во евроинтеграциите.

Бугарија ја користи нашата негрижа за македонското малцинство во Албанија
и другите земји во соседството

И додека Бугарија максимално се ангажира и спроведува целосно асимилаторски политики, македонското МНР преку соопштение „ги охрабрува Македонците да се попишат на претстојниот попис“.
– Во врска со претстојниот попис на населението во Република Албанија, кој почнува на 18 септември и ќе се реализира следните шест недели, Министерството за надворешни работи ги охрабрува сите Македонци во Албанија слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност, во согласност со законската регулатива и позитивната демократска пракса во Албанија – се вели во соопштението од МНР.
Уште се додава дека „Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, на начин како тоа е постигнато во С. Македонија, и кое претставува непроценливо автентично политичко и културно наследство“.
Очигледно МНР во соопштението повеќе се грижи повеќе да ги промовира достигнувањата на Албанија во делот на функционирањето на мултиетничко и мултикултурно општество отколку да испрати сериозна порака до албанските власти да се заложат во насока на спречување притисоци од трети земји врз македонското малцинство.
Македонското МНР дефинитивно покажа дека не се грижи во континуитет за македонското малцинство, особено не во соседните земји, туку и тоа е ставено во функција на етничката агенда на првиот човек во ова Министерство. Кога стануваше збор за пописот во Македонија од пред некоја година, тогаш истиот министер, заедно со владин вицепремиер, беше на турнеја низ Европа да ги мобилизираат Албанците да се попишат на пописот чии правила ги скрои токму најголемата малцинска заедница во земјава, за да можат вештачки да се надуваат процентите само поради нивна уште поголема застапеност во институциите.
Министерот Османи последен пат ги посети Македонците во Албанија во август минатата година, при што тие отворено му се пожалија дека трпат притисоци од Бугарија да се попишат како Бугари. Тој го слушна тоа на самото место, но и покрај тоа македонското МНР цела година заборави и продолжува да заборава на македонското малцинство.
Во јули оваа година во Албанија беше и македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој се сретна со локалното македонско население и сè заврши со понекоја фотографија, нешто поделени книги и толку.
Од друга страна, Бугарија во континуитет праќа емисари што делат бугарски книги, донираат возила, отвораат училишта, им нудат бугарски пасоши, пакети со храна, едноставно прават сè тие луѓе таму да почувствуваат дека некој друг повеќе се грижи за нив отколку нивната матична земја.
Она што недостига од македонска страна, а Бугарија континуирано го прави, е максимална грижа за нашинците од онаа страна на западната граница. Наместо посетите да се реализираат само под притисокот на јавноста, која отворено кажува дека државата не се грижи за Македонците надвор од земјата, потребна е поширока стратегија како македонското малцинство во околните земји да биде заштитено и помогнато од нивната матична држава.
Без оглед на фактот што земјава се откажала од грижата за малцинствата, сепак има можности низ разни други законски и уставни решенија да овозможи континуирана грижа за македонското малцинство. Таа грижа може да се оствари преку многу разни форми и облици, почнувајќи од соработка во образованието, во прекуграничните проекти за кои пари дава и ЕУ, преку редовни донации, гостувања на театри, музички групи, уметници, предавања на професори, академици, размена на ученици… И не само тоа, посетите на македонските политичари мора да бидат редовни, да се слушне за потребите на тие луѓе и преку отворен дијалог со соседните земји да им се помогне на сите начини. Тоа е улогата што треба да ја одигра македонското МНР, наместо само „да охрабрува“ отстрана кога ќе го притисне јавноста.

МНР молчи, нашинците сами се спротивставуваат на бугарските асимилаторски политики

И додека МНР молчи и не реагира на активностите на бугарската потпретседателка во деловите во кои живее македонско малцинство во Албанија, со реакција излезе македонското друштво „Илинден“ – Тирана, од каде што најостро ја осудуваат, како што ја нарекоа, антимакедонската дводневна посета на бугарската потпретседателка Илијана Јотова на Република Албанија.
– Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, како претставник на Македонците од Република Албанија, се солидаризира со многубројните реакции на македонското население во Голо Брдо. Наедно, сметаме дека е потребно на светската јавност да ѝ ја пренесеме пораката на Македонците од Голо Брдо и јасно да го декларираме македонското чувство на Македонците од Голо Брдо. Од нив во повеќе наврати беше побарано да се изјаснат како Бугари. Македонците во Република Албанија велат дека отсекогаш биле Македонци и никогаш нема да бидат Бугари – порачуваат од македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
Слично реагираше и Едмонд Османи, потпретседател на МАЕИ и администратор на административна единица Требиште.
– Најавата за отворање училишта на бугарски јазик не е ништо друго туку само продолжение на активностите на бугарските власти за асимилација на нас Македонците во Голо Брдо – изјави Едмонд Османи.
Очигледно припадниците на македонската заедница во Албанија многу силно го чувствуваат притисокот што врз нив го прави официјална Софија, особено сега кога почнува пописот, па мораат со сите сили и средства да се бранат од ваквите асимилаторски политики, додека надлежните македонски власти молчат само колку да не ја налутат бугарската страна.
– Точно е дека Македонија под притисок на соседна Грција се откажа од делот во Уставот, кој предвидува грижа за малцинствата во соседните земји, но тоа не значи дека нема поинакви начини да се грижите за нашинците надвор од границите. Повторно ќе кажам, македонското МНР последните години повеќе се грижи за интересите на друга соседна земја отколку за Македонците надвор, така што ова што сега се случува не треба воопшто да нè изненадува. Грижата за малцинствата не се прави така што некој политичар ќе појде еднаш до Албанија и ќе се слика таму, туку мора постојано да има присутен човек на терен, што ќе слуша какви се потребите на нашинците и државата веднаш да одговара на тоа. Тоа го прави Бугарија, постојано имаат луѓе во местата каде што живеат Македонци, притискаат, а верувајте, кога притисокот е континуиран, тешко се издржува – вели соговорник што подолги години беше вклучен во дипломатските активности поврзани со грижата за малцинствата.
Според него, откако земјава го промени Уставот и се откажа од грижата за малцинствата, во МНР буквално таа грижа е сведена само на менаџирање како да се извлечат нашинци од некои погодени подрачја низ светот.

– Дури и тоа менаџирање оди така што се замолуваат другите држави да ги извлекуваат македонските државјани. За жал, тоа е нашата реалност, но кога цел свет нè притиска да го менуваме Уставот за да ги внесеме Бугарите, тогаш да си ја вратиме и грижата за малцинствата. Никој не може да ни кажува како самите да си го скроиме највисокиот правен акт. Дипломатијата подразбира умешност како со одредена земја да се најдат начини да се помогне македонското малцинство. Можат заеднички да се подготват прекугранични проекти, да се зголеми културната, образовната и научната соработка, да се реализираат постојани посети… Постојат многу начини, но не постои желба од македонска страна. Како да се исплашени да не им се налути Софија, па само молчат, без оглед што на терен се спроведува таква асимилаторска политика што е нешто незапамтено повеќе од еден век. Може да претпоставиме каква ќе биде асимилаторската политика ако влезат Бугарите во Уставот – заклучува нашиот соговорник.