Кугларките загубија од Германија и Австрија, а кугларите од Чешка

КУГЛАЊЕ – 10. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Македонската женска и машка кугларска сениорска репрезентација со порази стартуваа на 10. Светско првенство (СП), во хрватскиот град Вараждин. Женската селекција, која по подолго време повторно е активна на меѓународната сцена, во групата Б загуби од Германија со 0-8 во поединечни поени (3.188-3.508 по бројот на соборени кегли), а потоа и од Австрија со 1-7 (3.160-3437), кои објективно се и посилни селекции. Македонките, кои ги загубија шансите за пласман во вториот круг, утре ќе го играат последниот меч во групата, против Франција (11.40 ч.). На табелата во оваа група води Австрија со четири бода, Германија има три, Франција еден, а Македонија е без бодови. Титулата од СП во Полска во 2021 година ја брани Хрватска.
Машката репрезентација на Македонија во првото коло не успеа да ја совлада Чешка, се чини главниот конкурент за пласман во четврт-финалето, загубувајќи со 2-6 (3.674-3.840). Цел поен за црвено-жолтите освоија селекторот и играч Димитар Димитровски, кој за една соборена кегла повеќе (626-625) го совлада својот ривал, и Урош Стоклас (646-613). Загубија Душко Ајдин, Борис Бенедик, Младен Донковски и Ибрахим Мемеди. Во вториот дуел од групата, Србија убедливо ја совлада Данска со 8-0 (3.834-3210).
Вчера Македонија беше на тежок испит против актуелниот светски првак, Србија, а до крајот ќе игра уште со последниот ривал во групата Б, Данска. Двете првопласирани селекции од секоја од четирите групи ќе се пласираат во четврт-финалето.
Најголемиот успех македонската машка репрезентација го постигна на СП 2013 година, кога во унгарскиот град Залаегерсег го освои сребрениот медал. Г.И.