Светскиот првак Динг Лирен / Фото: ЕПА

Ова е прво издание во кое кандидатите во машка и во женска конкуренција ќе играат под еден покрив и на исти датуми. По осум играчи го поминаа напорниот процес на квалификации за да добијат шанса да се соочат на крајот на годината со светските прваци Динг Лирен во машка и Ју Венјун во женска конкуренција, двајцата од Кина

ШАХ

Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светските прваци во машка и во женска конкуренција на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за годинава почнува денеска во Торонто (Канада). Ова е прво вакво издание, во кое кандидатите во машка и во женска конкуренција ќе играат под еден покрив и на исти датуми. Предвидени се 14 кола. По осум играчи го поминаа напорниот процес на квалификации за да добијат шанса да се соочат годинава со светските шампиони Динг Лирен во машка и Ју Венјун во женска конкуренција, двајцата од Кина. Шахистите ќе играат и за дел од паричните награди, 500.000 евра на машкиот и 250.000 евра на женскиот турнир. Составите предизвикуваат љубопитност, оти неколку млади таленти првпат влегуваат во доцната фаза од циклусот за светското првенство. Сведоци сме на уште една генерациска смена во шахот, а единственото прашање што останува е дали младите ќе остават свој белег годинава или ќе го освојат шаховскиот свет во следните циклуси.
Додека Јан Непомнијашчи се обидува да го освои својот трет Турнир на кандидатите, поставувајќи рекорд, за младите, како Прагнананда Рамешбабу (18) и Домарају Гукеш (17), како и Гујрати Видит и Нијат Абасов, двајцата во доцните 20-ти години, ова ќе биде прв ваков турнир. Алиреза Фирузја, поранешниот шахист број два во светот, и покрај тоа што има само 20 години, веќе има искуство на ваков турнир. Искусните Фабијано Каруана (сега број два во светот) и Хикару Накамура (број три) се сметаат за двајца главни фаворити. Двојки, 1. коло: Каруана – Накамура, Абасов – Непомнијашчи, Фирузја – Прагнананда, Гукеш – Гујрати.
Настанот за шахистки е трет ваков турнир откако ФИДЕ го реформира циклусот за светска шампионка во 2019 година. Четвртата највисоко оценета жена во историјата на шахот и рејтинг-фаворитка на турнирот, Александра Горјачкина, беше предизвикувачка во 2020-та. Најблиска ривалка се чини дека ѝ е Леи Тинџие, која го загуби мечот за светска првенка една година порано. Тие сега се број три и четири во светот, а веднаш по нив се Химпи Конеру и Катерина Лагно. Ваишали Рамешбабу (22) му е сестра на Прагнананда (за двајцата ова е деби на ваков турнир), со што првпат во историјата брат и сестра ќе учествуваат во последната фаза од квалификациите. Двојки, 1. коло: Горјачкина – Лагно, Музичук – Салимова, Тинџие – Жонгји, Ваишали – Конеру. Г.И.


Како се пласираа кандидатите

Мажи: Jан Непомнијашчи (Русија, 2.758 рејтинг-поени) како вицешампион од претходниот меч за светски првак. Рамешбабу Прагнананда (Индија, 2.747) како вицешампион, Фабиано Каруана (САД, 2.804) како третопласиран, а Нијат Абасов (Азербејџан, 2.632) како четвртопласиран на СП 2023, откако победникот, Норвежанецот Магнус Карлсен, го одби правото на учество. Видит Гујрати (Индија, 2.747) како победник, а Хикару Накамура (САД, 2.789) како вицепрвак на големиот Швајцарски турнир лани. Алиреза Фирузја (Франција, 2.760) како најдобар според рејтингот на 1 јануари годинава. Домарају Гукеш (Индија, 2.747) како победник на циклусот на ФИДЕ лани.
Жени: Леи Тинџие (Кина, 2.550) како втора од претходниот меч за светска првенка. Катерина Лагно (Русија, 2.542) како победничка, а Александра Горјачкина (Русија, 2.553) како второпласирана на гранпри-турнирот 2022/2023. Нурѓул Салимова (Бугарија, 2.426) како вицешампионка, а Ана Музичук (Украина, 2.520) како третопласирана на Светскиот куп лани. Ваишали Рамешбабу (Индија, 2.481) како победничка, а Тан Жонгји (Кина, 2.521) како вицешампионка на големиот Швајцарски турнир во 2023-та. Химпи Конеру (Индија, 2.546) како најдобра според рејтингот на 1 јануари годинава.