Уругваецот Феликс Сиенра почина на 107-годишна возраст и беше најстариот преживеан учесник на ЛОИ и, веројатно, единствениот преживеан сведок на финалето на Светското првенство во Монтевидео во 1930 година
Феликс Сиенра беше најстариот преживеан олимпиец. Уругвајскиот морнар учествуваше на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лондон во 1948 година. Пред неколку недели тој во интервју за германски „Велт“ раскажа за својот живот и за случувањата. Сиенра почина на 107-годишна возраст и беше најстариот преживеан учесник на едни ЛОИ и, веројатно, единствениот преживеан современ сведок на финалето на Светското првенство (СП), во Монтевидео во 1930 година.
– Ја симна капитенската лента и ја напушти едрилица – изјави неговата ќерка Магдалена Сиенра, пренесе „Велт“.
Страсниот морнар Сиенра го претставуваше Уругвај на Летните олимписки игри во Лондон во 1948 година. Непосредно пред неговиот 107. роденден, Сиенра за „Велт ам сонтанг“ го даде своето последно интервју.
– Се чувствувам добро, но повеќе не влегувам во едрилицата. Последен пат го направив тоа кога наполнив 100 години – рече тој за „Велт“.
Докторот на правни науки го доживеа и првиот фудбалски Мундијал во историјата, уште како тинејџер во Монтевидео. Во интервјуто, Сиенра се присети на денот кога домаќините ја победија Аргентина со 4-2.
– Ја прославив победата со пријателите. Печевме риба на скара и испивме многу вино. Таа ноќ беше првиот и последен пат кога навистина се опијанив – рекол Феликс Сиенра.
По смртта на Сиенра, најстар жив олимписки натпреварувач во светот сега е германскиот јавач на коњи Вили Бусинг (101), кој настапи на ЛОИ 1952 во Хелсинки, кога освои сребро и бронза, пишува „Велт“. Г.И.