Откако ги добија ветувањата за тенковите „леопард 2“ и „абрамс“ од Германија и од САД, украинските власти се надеваат дека ќе добијат уште повеќе и посовремено оружје, а во фокусот на сите барања сега се ракетите со долг дострел и западните борбени авиони, особено американскиот „Ф-16“. Но кој ќе управува со ваквото софистицирано оружје, имајќи предвид дека и во самите членки на НАТО обуките за ракување и усогласеност на посадите на овие високософистицирани оружја траат со месеци, а можеби и со години…

Тенкови за Украина – да, но под прашалник авиони и ракетни системи со долг дострел

Франција го разгледува барањето на Украина за обука на борбени пилоти, изјави францускиот помошник-министер за одбрана Себастиен Лекорну. Се очекува францускиот и украинскиот министер за одбрана да разговараат за барањето за време на телефонски разговор оваа недела.
Киев го поднесе барањето за борбени авиони минатата недела откако неговите европски сојузници се согласија да го снабдуваат со борбени тенкови.
Во интервју за францускиот весник „Фигаро“ изминативе денови, украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников го повика Париз да помогне во обуката на украинските пилоти на француски авиони.
– Слушнав дека многу експерти зборуваат со почит за француските авиони и нивните пилоти. Секако, би бил многу среќен ако украинските пилоти би можеле да бидат обучени да управуваат со француски авиони и да ја искористат оваа експертиза за да обезбедат победа – рече украинскиот министер.
Откако ги добија тенковите „леопард 2“ и „абрамс“ од Германија и од САД, украинските власти се надеваат дека ќе добијат повеќе оружје, а во фокусот на сите барања сега се ракетите со долг дострел и западните борбени авиони, особено американскиот „Ф-16“.
Иако Украина долго време бара воени авиони, западните сојузници одбија да помогнат на овој начин. Во изминатите денови, неколку европски и американски претставници посочија дека вратата повеќе не е затворена за ова прашање. Во јануари, холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра рече дека Амстердам ќе го испита барањето за ловците „Ф-16“ со „отворен ум“, додавајќи дека „нема табуа“ во врска со воената поддршка. Минатата недела, заменик-советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Финер, рече дека САД ќе разговараат „многу внимателно“ со Киев и со сојузниците за идејата.

– Се обидовме да ја приспособиме нашата помош на фазата на борбата во која се наоѓаат Украинците – рече Финер за МСНБЦ.
„Ф-16“, суперсоничен ловец од четвртата генерација, беше успешен извоз за САД во последниве години, зголемувајќи ја можноста неколку земји да се здружат за да ѝ обезбедат на Украина „Ф-16“, слично на лабавата коалиција што ќе испрати до Украина тенкови „леопард 2“ од германско производство.
Германија, сепак, останува важен фактор во одлуката и ги отфрли барањата на Киев за испорака на борбени авиони. Ова може да биде уште еден спор меѓу Берлин и неговите сојузници.
– Прашањето за борбените авиони воопшто не е отворено. Можам само да советувам да не влегуваме во постојана конкуренција да се надминеме кога станува збор за испраќање оружје – рече германскиот канцелар Олаф Шолц.
Шефот на комитетот за одбрана на Националното собрание на Франција, Томас Гасилуд – исто така член на партијата Ренесанса на Макрон – предизвика бурни реакции минатата недела кога за британски „Телеграф“ изјави дека „сите врати се отворени“ за дискусии за испраќање авиони во Киев. Говорејќи за „Политико“, Гасилуд рече дека Западот треба да преземе „многу отворен пристап кон барањата од Украина“, но предупреди дека прво сака да види доказ дека борците ќе бидат корисни.

– Никој нема воздушна надмоќ во Украина поради масовната употреба на ракети земја – воздух… Ниту руски авиони, ниту украински авиони не го контролираат небото. Значи, борбените авиони нема да имаат целосна слобода на дејствување доколку ги испратиме на ризичното небо – рече тој.
За Гасилуд, одлуката за обука на украински пилоти за француски борбени авиони би имала смисла само доколку Владата потоа донесе одлука да ги донира и авионите.
Во јануари, францускиот претседател Емануел Макрон објави дека француските воздухопловни сили ќе преминат во флота составена исклучиво од авиони „рафал“. Според повеќе извори, тоа значи дека француските вооружени сили ќе имаат постари авиони, како што е „мираж 2000“, кои би можеле да бидат достапни за Украина. Француското министерство за одбрана неодамна соопшти дека сѐ уште нема добиено официјално барање за борбени авиони од Украина и дека тие се фокусирани на поитни потреби на Киев, како што се системите за противвоздушна одбрана.
Пред два дена, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Вашингтон нема да испраќа борбени авиони „Ф-16“ во Украина. Ваквата негова изјава дојде откако западните медиуми минатата недела соопштија дека група воени претставници „во тишина“ го наговараат Пентагон да испрати авиони „Ф-16“ во Киев.
Наместо тоа, вчера „Ројтерс“ објави, повикувајќи се на два извора блиски до администрацијата на Џо Бајден, дека САД подготвуваат пакет воена помош од две милијарди долари за Украина, вклучувајќи и ракети со долг дострел. Според еден извор, 1,725 ​​милијарда долари ќе дојдат од Иницијативата за безбедносна помош на Украина (УСАИ), која ѝ овозможува на Белата куќа да набавува оружје од индустријата наспроти постојните американски резерви. Средствата ќе бидат искористени за купување на ракетата ГЛСДБ, која има дострел од 150 километри. САД, наводно, го одбиле барањето на Украина за испорака на американски ракети АТАЦМС, кои имаат дострел од 297 километри.