Фото: ШК Алкалоид

ШАХ

  • Во второто коло, противник на ШК Алкалоид е сериозно организираниот клуб од Исланд, Бреидаблик, кој на овој турнир настапува со А-тим и со Б-тим. Тимот на ШК Мулти Есенс ќе игра со најдоброрангираниот тим од неколкуте германски претставници, Шахфројнде од Берлин

Максималната победа со 6-0 на почетокот на 41. Европски клупски куп (ЕКК) ќе биде ветер во едрата за ШК Алкалоид на патот кон нови меѓународни успеси. Интернационалниот состав на фармацевтите беше треторангиран на турнирот според просечниот рејтинг, а според конечните состави, соопштени пред почетокот на турнирот, беше промовиран како втор носител, па според системот на спарување како противник во првото коло го доби англискиот клуб Шаркс 4НЦЛ. Иако се играше против екипа од средината на табелата, забележлива беше целосната доминација на сите шест табли. Тоа резултира со неколку брзи победи за околу два часа игра (Аравинд на третата, Пураник на четвртата и Ивиќ на петтата табла), со што отпорот на противниците беше скршен. Најголем отпор имаше на првата и на втората табла, каде што Еригаиси и Веи добија шанса да ја покажат својата класа.
– Еригаиси со црни фигури против силниот интернационален мајстор Роберсон избра ретка, но сложена варијанта со двојно фијанкето, го предизвика противникот на офанзивна игра и го надигра со тактички финеси. Веи против англискиот ФИДЕ-мајстор Холанд одигра партија за учебници со бели фигури и сицилијански напад со голема рокада. Последен остана да игра ВМ Звонко Станојоски, кој на шестата табла играше со талентираниот и млад мајсторски кандидат Хари Брајант, постепено кршејќи го отпорот и реализирајќи ја предноста во завршницата – соопшти капитенот на тимот, ВМ Влатко Богдановски.
Мешаниот тим на Мулти Есенс имаше цврст противник во младинскиот клуб Јилдиз Чес Спорт, сочинет од играчи што би можеле да им приредат изненадување и на многу посилни екипи. Првата победа за клубот на првиот меѓународен настап беше освоена на трите табли каде што нашите играчи ги имаа белите фигури (освоени се два бода од три партии) за вкупен резултат 3,5-2,5.

– На првата табла, ИМ Емил Ристески, реално, немаше можност за повеќе од реми, додека, пак, на петтата табла Матео Ефтовски до крајот се обидуваше да ја реализира иницијативата, но и тој меч заврши нерешено. Од друга страна, ИМ Тони Лазов на третата табла во текот на целиот дуел имаше подобра позиција и успешно ја реализира. Кандидат за клучен играч на овој меч беше и ИМ Филип Панчевски, кој на втората табла со црни фигури успеа да ја сврти позицијата во своја корист и да освои цел поен, кој значеше победа на мечот. На четвртата табла Михаил Јорданов одигра реми, додека, пак, на шестата табла ЖФМ Моника Стојковска, во недостиг од време, се соочи со проблеми што резултираа со пораз – изјави капитенот на екипата, ВМ Трајко Недев.
Во второто коло, противник на ШК Алкалоид е сериозно организираниот клуб од Исланд, Бреидаблик, кој на овој турнир настапува со А-тим и со Б-тим, а токму првата екипа, предводена од 23-годишниот велемајстор Вигнир Ватнар Стефансон, во првото коло го предводеше тимот до победа со 4-2 против истоимениот Б-тим. Тимот на ШК Мулти Есенс ќе игра со најдоброрангираниот тим од неколкуте германски претставници, Шахфројнде од Берлин, кој во првото коло имаше убедлива победа со 6-0 над претставникот на Монако, информираат од ШК Алкалоид. Г.И.