Фото: ЕПА

ИОК

Шестмина претставници на спортската заедница добија признанија за исклучителни примери на интегритет, спортски дух и солидарност на церемонијата на Светските награди за ферплеј, во Олимпискиот музеј во Лозана (Швајцарија), пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Добитници на наградите се Филип Зубчиќ (Хрватска, алпско скијање), Илија Малинин (САД, уметничко лизгање), Карлос Алкараз (Шпанија, тенис), Тим ван де Велде (Белгија, атлетика), Уфук Тимер (член на Олимпискиот комитет на Турција) и Азија Хоган-Рочестер (Канада, рагби), пренесе ИОК.
– Ферплејот не е само учтивост во спортот. Тој е моралното срце на Олимпиското движење и витален патоказ за новите генерации. Церемонијата во Олимпискиот музеј потврди дека овој дух е жив и силен во светскиот спорт. Зачувувањето на овие вредности бара посветеност и горди сме на нашето долгорочно партнерство со ИОК, со цел интегритетот да се задржи во центарот на играта – рече претседателот на Интернационалниот комитет за ферплеј, Сунил Сабарвал, пренесе ИОК.
Доделувани од Интернационалниот комитет за ферплеј (ЦИФР), организација признаена од ИОК, светските награди за ферплеј повеќе од 60 години оддаваат признание за значајни дела на спортска солидарност и ферплеј на теренот и надвор од него. Првата награда, трофејот за ферплеј „Пјер де Кубертен“, именуван по основачот на Олимпиското движење, му беше доделена на Еуџенио Монти во 1965 година. Додека се натпреваруваше на ЗОИ 1964 во Инсбрук, италијанската ѕвезда во боб им обезбеди на своите британски ривали заменски дел за скршената завртка на нивните санки, овозможувајќи им на крајот да го освојат златниот медал. Од ЛОИ во Пекинг во 2008 година, ЦИФР доделува награди за примери на ферплеј на олимписки игри, а наградите се целосно усогласени со Олимписката повелба, во која се наведува дека „олимпискиот дух бара меѓусебно разбирање, проткаено со дух на пријателство, солидарност и ферплеј“. Втора година по ред церемонијата на доделување награди се совпадна со почетокот на Олимписката недела, за време на која Олимпискиот музеј организира бесплатни спортски и културни активности за илјадници деца, пишува ИОК. Г.И.