По две години, „Четири скокалници“ пред полни трибини

Традиционалната Новогодишна турнеја се одржува од јануари 1953 година, 71-то издание почнува денеска во Оберстдорф, а потоа се натпреварите во Гармиш Партенкирхен (недела), Инсбрук (4 јануари) и во Бишофсхофен (6 јануари)

Со денешниот прв натпревар, во германскиот Оберстдорф, почнуваат возбудувањата на 71-то издание на традиционалната Новогодишна турнеја „Четири скокалници“ во скијачки скокови. В недела е вториот натпревар, во Гармиш Партенкирхен, исто така, во Германија, а потоа скијачите скокачи се селат во Австрија, за настаните на 4 јануари во Инсбрук и на 6 јануари во Бишофсхофен.
По две години со рестрикции поради пандемијата на коронавирусот се очекуваат полни трибини, па така, според германските медиуми, веќе за денешниот прв натпревар сите 25.000 влезници се распродадени, а, според најавите, вчера за квалификациите се очекувале 15.000 гледачи.
„Четирите скокалници“ се одржуваат од јануари 1953 година, па натпреварувањето сезонава слави 70 години. Рекордери се Јане Ахонен (Финска) со пет триумфа (во сезоните 1998/99, 2002/2003, 2004/2005, 2005/2006 и во 2007/2008), како и Свен Ханавалд (Германија, сезона 2001/2002), Камил Стох (Полска, 2017/2018) и Рјоју Кобајаши (Јапонија, 2018/2019), кои се единствените што при освојувањето на трофејот на „Четирите скокалници“ победија на сите четири натпревари во соодветната сезона. Лански победник е Кобајаши. По 16 триумфи имаат натпреварувачи од Австрија, Германија и од Финска, десет од Норвешка итн.
Сите четири натпревари се во рамките на Светскиот куп, во кој сезонава води Давид Кубацки (Полска, победник на „Четирите скокалници“ во 2020 година), а потоа следуваат Анже Ланишек (Словенија), Стефан Крафт (Австрија, победи во 2015 година), Халвор Егнер Гранеруд (Норвешка), Пјотр Жила (Полска), Мануел Фетнер (Австрија), Карл Гајгер (Германија)… Г.М.