ТЕНИС

Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), Меѓународната тениска федерација (ИТФ) и „Космос тенис“ објавија стратегиски сојуз без преседан, кој ќе почне од 2023 година, со поддршка на Дејвис-купот, објави АТП на својата интернет-страница.
Светското првенство во тенис за мажи е најдолготрајниот и најголем годишен меѓународен тимски настан во спортот, со 122 години историја. Дејвис-купот го забележа своето највисоко ниво на учество во својата историја во 2022 година, со 137 земји што играа годинава, на сите нивоа на натпреварувањето.
Новото партнерство е воспоставено за да овозможи стратегиска соработка за управувањето и еволуцијата на натпреварувањето. Партнерството официјално ги спојува АТП и ИТФ низ Дејвис-купот првпат во историјата во заеднички напор да го максимизира успехот на историското екипно натпреварување како Светско првенство во тенис за мажи, пишува АТП.
Финалните и квалификациските натпревари на Дејвис-купот сега стануваат официјален дел од календарот на АТП-турнејата за 2023 година. Оваа интеграција ќе ги поддржи играчите во планирањето на нивниот годишен распоред кога ќе бидат избрани да играат во нивната национална дејвискуп-репрезентација. Финалето ќе продолжи во постојниот формат, нудејќи 15 милиони долари парична награда за играчите во 2023 година, пишува АТП.