Накамура дојде до титулата по дополнителната армагедон-партија, откако во регуларниот дел од финалето со Непомнијашчи резултатот беше 2-2. Во четирите верзии шах сега има четворица различни планетарни шампиони, Карлсен во класичен шах, Абдусаторов во брз шах, Вашер-Леграв во забрзан шах и Накамура во Фишеров шах

Американскиот велемајстор (ВМ) Хикару Накамура (2.713 рејтинг-поени) е новиот светски првак во Фишеров шах, откако во финалето на шампионатот во исландскиот град Рејкјавик го победи претходниот и сегашен предизвикувач за светската титула, но во класичен шах, Русинот Јан Непомнијашчи (2.793), со 3-2. Во дополнителниот плејоф, тој ја доби т.н. армагедон-партија (Непомнијашчи избра 13 минути, но му одговараше и реми за триумф, а Накамура доби 14 минути, но мораше да победи), откако резултатот по четирите одиграни партии беше 2-2.
Во мечот за третото место, неприкосновениот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.856), го победи со 3-1 младиот, 18-годишен Узбекистанец и актуелен светски првак во брз шах од 2021 година, Нодирбек Абдусаторов, со 3-1. Петтото место му припадна на Русинот Владимир Федосеев (2.688), кој со 3-1 беше подобар од Американецот Весли Со (2.744), а седмата, претпоследна позиција му припадна на Германецот Матијас Блубаум (2.647), по победата на мелот со најслаборангираниот на СП 2022, Хјорнар Штеин Гретарсон (2.533) од Исланд, со 3-1. Наградниот фонд во Рејкјавик изнесуваше 400.000 долари, од кои на Накамура му припаднаа 150.000.
Од четирите актуелни светски прваци, Карлсен во класичен шах, Абдусаторов во брз шах, Максим Вашер-Леграв во забрзан шах и Накамура во Фишеров шах, Карлсен бил светски првак и во брз шах (во 2014, 2015 и во 2019 година) и во забрзан шах (во 2014, 2017, 2018 и во 2019 година).
Фишеровиот шах, кој е според идејата на Фишер, се нарекува и Шах 960, поради 960-те можни распореди на фигурите од првиот ред. Првото официјално СП во организација на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) се играше во 2019 година, а победник беше Со.
Контролата на времето во Фишеровиот шах е 25 минути по играч за првите 30 потези, по што секој шахист добива дополнителни пет минути и зголемување од пет секунди по секој потег, почнувајќи од 31-от, додека во класичниот шах секој шахист има по 90 минути за првите 40 потези, плус 30 минути до крајот на партијата, со дополнителни 30 секунди по секој одигран потег, почнувајќи од првиот. Г.И.


АКТУЕЛНИ СВЕТСКИ ПРВАЦИ

класичен шах      Магнус Карлсен               од 2021 г.
брз шах               Нодирбек Абдусаторов    од 2021 г.
забрзан шах        Максим Вашер-Леграв     од 2021 г.
Фишеров шах      Хикару Накамура            од 2022 г.