Фото: ЕПА

ЛОИ 2024

Предводено е спортистите на ЛОИ во Париз да продефилираат на свеченото отворање на 160 брода, кои ќе пловат по маршрутата долга шест километри на реката Сена

Бројот на луѓе што ќе присуствуваат на церемонијата на отворањето на годинашниве Летни олимписки игри (ЛОИ) во Париз се проценува на околу 300.000, изјави францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин, а тoa е околу половина од претходно очекуваното, јавува агенцијата „Ројтерс“. Церемонијата на отворањето на 26 јули ќе биде шесткилометарска парада по должината на реката Сена. Таа ќе се одржи во услови на загриженост за безбедноста.
– Идејата е дека ќе има 100.000 луѓе на долните кејови (со платен билет) и повеќе од 220.000 луѓе на горните кејови (со бесплатен билет). Потоа, тука се сите оние што живеат таму и кои ќе можат да изнајмуваат, да прават забави покрај реката Сена – изјави Дарманин за францускиот ТВ-канал „Франс 2“.

Претходен пат Дарманин го процени бројот на присутни во мај 2023 година, кога рече дека се очекуваат до 600.000 на церемонијата на отворањето. Организаторите на ЛОИ Париз 2024 рекоа дека процената сепак не е конечна, а како што навести француската влада, конечната одлука за големината на настанот ќе биде донесена на крајот од процесот на консултации пролетва, пишува „Ројтерс“.
– Кога станува збор за безбедноста, министерот за внатрешни работи е во најдобра позиција да донесе правилни одлуки. Како што знаете, државата е таа што е одговорна за безбедноста и за пречекот на гледачите, кои бесплатно ќе присуствуваат на свеченото отворање на горните кејови. Париз 2024 работи многу месеци во тесна соработка со јавните власти за калибрирање на капацитетот, за што земаме предвид многу параметри. Консултациите уште се во тек, под надлежност на началникот на полицијата – велат организаторите на ЛОИ во Париз, пренесе „Ројтерс“.

Предводено е спортистите од сите држави учеснички на претстојните ЛОИ да продефилираат на свеченото отворање на 160 брода, кои ќе пловат по маршрутата долга шест километри, а чинот на свеченото отворање е планирано да трае три часа. Г.И.