Фото: Игор Бансколиев

ЕП годинава остана во сенка на ковид-19, па не се знаеше до пред секој меч кој ќе игра, сега е поинаку на тој план, но затоа повредите избија во преден план, а некои ракометари ги завршија репрезентативните кариери

РАКОМЕТ

На ракометниот Мундијал во јануари в година нема да гледаме повеќе ѕвезди на кои бевме навикнати во изминативе години. Повеќето репрезентации имаат повредени играчи. Европско првенство (ЕП) во Унгарија и во Словачка, годинава остана во сенка на ковид-19, па не се знаеше до пред секој меч кој ќе игра. Сега е поинаку на тој план, но затоа повредите избија во преден план, а некои ракометари ги завршија репрезентативните кариери.
Кај Франција нема да има дури пет квалитетни играчи, левото крило Иго Деск од Монпелје и левиот бек на Барселона Тимоти Н’Гасан, Ајмерик Мин од Нант подолго време е отсутен, како и искусниот голман Весли Пардин и дефанзивецот Карл Конан од Монпелје. Европскиот вицепрвак Шпанија остана без брзоногите крила на Барселона, Алехандро Гомез Абел и Арињо Бенкочеа. За еден од домаќините на СП, Полска, голем хендикеп е неиграњето на пикерот Камил Сипжак од ПСЖ. Четвртопласираната селекција од Летните олимписки игри во Токио, Египет, остана без десниот бек Омар Јахја, а Бразилците без најдобриот играч Аниел Лангар, лев бек на Барселона.

На СП се ослабени и Хрватите, кои ќе играат без Давид Мандиќ, Марко Мамиќ и Халил Јагањац. Словенците не може да сметаат на десното крило на Веспрем, Гашпер Маргуч, и на централниот бек на Кил, Миха Зарабец. Исланд е без Хаукар Тратарсон, кој се повреди во ЛШ. Во Германија има промена на генерациите, па така, триото на Кил, Штефан Вајнхолд, Патрик Винчек и Хендрик Пекелер, повеќе не игра за репрезентацијата, како и некогаш најдоброто светско крило, Уве Генсхајмер од Левен. И Србија е ослабена со неиграњето на Дарко Ѓукиќ, Милош Кос и Немања Зеленовиќ, а неизвесен е голманот Дејан Милосављав. И Македонија годинава ќе биде ослабена, оти остана без капитенот Кирил Лазаров, кој сега е селектор и кој ја подмлади селекцијата, а предводници на оваа нова млада генерација ракометари се Дејан Манасков, Филип Кузмановски, Филип Талески и голманот Никола Митревски. Г.И.