Фото: Пиксабеј

Многу години Катар водеше „мека“ надворешна политика што му помогна да стекне меѓународни пријатели и да им влијае на моќните. Таа вклучува трошење милијарди на сè од мода, уметност и спорт до добротворни организации и индустрија

Дали јакнењето на влијанието го гарантира опстојувањето на една држава?

Изложбата во Катар, која се случи непосредно пред почетокот на Светското фудбалско првенство и во соработка со италијанскиот бренд Валентино, беше опишана како „импресивна“. Гламурозниот настан беше главна тема во сите најпознати светски медиуми. На отворањето на изложбата, поранешниот супермодел Наоми Кембел беше главната ѕвезда што ги воодушевени новинарите.
Но не беше само убавото време во Катар што ги привлече познатите модни имиња во малата држава во Персискиот Залив. Катарскиот инвестициски фонд „Мејхола“ всушност го поседува „Валентино“, откако го врати во живот италијанскиот луксузен бренд во 2012 година. Кембел беше присутна за да ја претстави новата модна добротворна организација „Стани видлив“, чија цел е да промовира млади дизајнери од земјите во развој во партнерство со катарската уметничка иницијатива наречена „Катар создава“. За „Стани видлив“ првично беше објавено дека е разгранок на добротворната организација на Кембел во Велика Британија, „Модата како помош“. Но организацијата сега е под истрага од Британската добротворна комисија за потенцијално лошо управување и непрописно однесување. Едно од наводните прашања е дека „Модата како помош“ потрошила голем дел од парите што ги собрала (околу 1,6 милион фунти), на гламурозни настани во 2019 година, но од нив донирала само околу 205.000 фунти во добротворни цели.
Комисијата за добротворни цели изјави за „Дојче веле“ дека назначила привремени управители за организацијата и дека тие управители, адвокати со седиште во Велика Британија, рекоа дека новата добротворна организација на Кембел, „Стани видлив“, нема никаква врска со финансиите на „Модата како помош“.

Вмрежувањето не е незаконско

За разлика од неодамнешните обвинувања за мито исплатено на европските парламентарци, врските меѓу Катар и познати личности, како Кембел, се јасно легални. Но тие даваат уште еден пример за тоа како Катар ги користи своите огромни финансиски ресурси за да го зајакне својот меѓународен имиџ, со она што се опишува како „културна дипломатија“. Други илустрации за влијателните инвестиции што ја зголемуваат репутацијата на Катар преку разни државни инвестициски фондови го вклучуваат купувањето на францускиот фудбалски клуб Пари Сен Жермен. Катар ги поседува и британската луксузна стоковна куќа „Хародс“, францускиот синџир на стоковни куќи „Прентемп“, голем број луксузни хотели во Лондон, вклучувајќи ги „Риц“ и „Клариџ“, како и луксузниот француски моден бренд „Балмен“ и италијанскиот „Пал Зилери“.
Извештаите сугерираат дека катарското кралско семејство, исто така, троши околу 940 милиони евра на уметност годишно. Меѓу помалку гламурозните инвестиции се акциите на Катар во „Сименс“, „Фолксваген“, „Порше“ и „Дојче банк“ во Германија, заедно со уделите во аеродромот „Хитроу“, банката „Баркли“ и супермаркетот на „Саинсбери“ во Велика Британија.

Зошто Катар го прави ова?

Во 1970-тите, по откривањето на природниот гас, малата држава од Персискиот Залив од една од најсиромашните во светот стана една од најбогатите. Земјата сега е дом на речиси три милиони луѓе, од кои само помеѓу 10 и 15 отсто домородно население. Другите се странци што работат во Катар, но ги немаат истите права како локалните жители. Катар има еден од највисоките приходи по жител во светот, така што во 2021 година Светската банка забележа дека изнесува 61.300 долари што е повеќе од многу европски нации, вклучувајќи ги Германија и Франција.
Катар е исто така монархија, управувана од династијата Ал Тани, која има околу 2.000 члена. Тоа го вклучува актуелниот шеф на државата Тамим бин Хамад ал Тани. Земјата често се опишува како „држава-рентиер“, која носи приходи, а потоа им ги распределува на граѓаните. Речиси на сите во Катар им се гарантира работа, а на граѓаните бесплатно им се обезбедуваат струја, вода и образование.

Влијанието значи гаранции

Од околу 2009 година, лидерите на Катар ја консолидираа меката моќ на земјата во надворешната политика, прикажувајќи внимателно контролирана слика за земјата како модерен, неутрален сојузник. Заедно со директното лобирање, ова ги вклучува повеќекратните, сложени слоеви на инвестиции, влијание и комуникациски кампањи. Меѓутоа, кралството има добри причини за тоа. Повеќето експерти се согласуваат дека Катар, кој е мала земја богата со ресурси, се наоѓа меѓу големи, повремено заканувачки и секогаш конкурентни соседи како Саудиска Арабија и Иран, но нема сопствена „тврда моќ“ или војска. Затоа, сака да ги подобри својата позиција и врските на светската сцена и на тој начин има гаранции доколку биде нападната.
Други мотиви за јакнењето на меката моќ на Катар е дека едноставно има чувство за бизнис. Земјите од Персискиот Залив, некои од најголемите светски снабдувачи со нафта и гас, знаат дека нивните клиенти се движат кон поеколошки енергии. За да преживеат во иднина, тие мора да ги прошират своите видици и тука спаѓаат инвестициите во туризмот, спортот и другите сектори.
Трета причина е внатрешната политика. Аналитичарите, исто така, тврдат дека, како што се развива земјата, повеќе не е доволно за владејачките кралски членови да ја „купуваат“ лојалноста на домородните Катарци со приходи од нафта и гас. Ова е причината зошто истакнатите луѓе, финансирани од државата, кои промовираат единство и катарско наследство се толку важни, велат истражувачите.

Промовирање вредности без нивна примена

Сите земји лобираат за влијание и се натпреваруваат во надворешната политика. Критиката во случајот на Катар е дека поголемиот дел од големите трошоци се нетранспарентни, затоа што оние што ги носат финансиските одлуки не даваат отчет пред гласачите, акционерите или новинарите. Катар се обиде да направи подобрувања, а перцепциите за корупцијата во земјата да го одразуваат тоа. Во рангирањето на „Транспаренси интернешенел“ според „перцепираните нивоа на корупција во јавниот сектор“ Катар доби 63 поени (100 поени значи дека корупција не постои). Тоа е втор најдобар резултат на Блискиот Исток, по Обединетите Арапски Емирати, и е подобар од некои земји од ЕУ, вклучувајќи ги Шпанија, Португалија и Унгарија.
Неодамна, Светското првенство овој месец ѝ донесе на земјата-домаќин и добар и лош публицитет. Наводите околу најновиот скандал во Европскиот парламент ставија поголем фокус на сложената комбинација на операции за влијание и подобрување на имиџот на Катар. Останува да се види дали овој зголемен притисок може да ја натера земјата да стане потранспарентна.