Не греши народот – тие се грешка на политиката

Колку патетично и очајно звучат зборовите на еден поранешен лидер употребени во контекст на политичкиот бродолом што им се случи на социјалдемократите во првиот круг на претседателски избори дека „народот е во право и кога греши“. Тешко им оди на поддржувачите на социјалдемократите да поверуваат дека народот не греши. Тоа вообичаено се случува кога сте неспособни да му верувате на народот, што е лакмус-тест за длабочината на вашиот сомнеж во демократијата.

Зарем можеше некој да очекува од политичари што никогаш не ја провериле својата доверба во македонскиот народ да се однесуваат поинаку? Секогаш кога народот не го дава гласот за социјалдемократите, тој греши. Дали навистина греши или одбивањето да признаете дека не сте во право всушност е политичка самозаштита, самозалажување и бегство од одговорност. Само тие се зачудени од недовербата на народот во нивните политики и ветувања.

Верувам дека на некој начин низ ваквите патетични зборови на губитници се потврдува една тврдоглава нечесност, која е во коренот на политиката на оваа партија. Политичари што се неспособни да ја признаат сопствената вина, барајќи ја кај народот, се морално гнили и социјално отуѓени. Тие само се лизгаат покрај нивните грешки, недоразбирања и отворени лаги. Како на овие избори.

Откога паметам социјалдемократите својата сила ја наоѓаат во нечесноста и се способни единствено да изградат цели светогледи од лаги, бидејќи вистината би била премногу понижувачка за нив. Но признавањето дека не сте во право – без разлика дали станува збор за правилата на игра со карти или за резултатите од изборите, не е слабост. Тоа е моќна изјава за ранливост. Ако сакаш да зборуваш за прашања што се важни за тебе, големи или мали, мора да прифатиш дека можеби грешиш во врска со нив и треба да се обидеш да ги признаеш грешките кога ќе бидат направени, а не да го обвинуваш народот за тоа.

Сигурен сум дека социјалдемократите ќе се чувствуваа подобро како политичари доколку имаа барем доблест и некаква способност јавно да ги признаат своите грешки. Ама народот е прав и кога греши, нели? Дури и тогаш кога политиката е купишта лаги, заблуди, глупости, омраза и шизофренија. Дури и тогаш кога луѓето се чувствуваат згрозено од состојбата на општеството, кога довербата во власта и институциите опадна до загрижувачки размери, моралната огорченост е широко распространета, а презирот кон воспоставената моќ е интензивен, повторно виновен е народот.

Да бидам појасен: тој е во право, ама греши. Греши зашто не може да види дека тие се единствената авангарда на македонската политика, тие се европеизираниот дел на македонското општество. И секогаш кога си противречат себеси, социјал демократите имплицираат дека тоа е дел од некој заговор, или дека обвинувањата за недоследност се целосно лажни, а најлесно за сѐ е да го обвинат народот. Што друго може да направат кога нивната политика флертува со глупоста и што можеш да очекуваш од политичари хранети со лаги и глупости?

На секои избори социјалдемократите играат за високи влогови – но никогаш за свои. Дозволивме да процветаат во политиката врз основа на лажен наратив, не есапејќи ги народот и оние што ги донесоа на власт. Нашата политичка култура со нив стана толку изопачена со измешани приоритети и селективна амнезија што голем дел од електоратот изгледа конечно се осмели да ги казни на брутален начин. Како може народот да греши, кога тие се грешка на политиката – памфлети направени од месо, неспособни да одат надвор од политичкото сценарио што им го наменија нивните ментори. Очигледно тоа и им го донесе колапсот на довербата од народот.

Далеку се тие од воведувањето ера на обновен интегритет во политиката како што ветуваат. Голем е влогот на овие избори идната среда за да очекувате дека моралниот императив да ги признаете своите грешки и да го промените курсот на волјата на народот е можно. Затоа не барајте ја вината кај народот. Вака не се игра играта во политиката. Поривот на оваа генерација на социјалдемократи да го спасат и одбранат неодбранливото по секоја цена доведе до култура на тврдоглавост – со катастрофални човечки и политички последици за државата. Изгледа многу наскоро ќе мора да ги преиспитаат нивните политички, интелектуални и морални убедувања., нивната процена за народот, нивното разбирање за фактите, ако сакаат да траат во политиката. Во спротивно ќе бидат дел од една историја на која нема да сакаме да се сеќаваме. И се надевам ќе научат дека народот дава и народот зема. И никогаш не греши.