Фото: Маја Јаневска-Илиева

Средбите во групата Ц ќе се играат во Скопје, дуелот со Данска е на 30 август, а потоа се и натпреварите со Црна Гора (2 септември), Полска (3 септември), Холандија (5 септември) и со Чешка (6 септември). Најдобрите четири репрезентации ќе се пласираат во осминафиналето

ОДБОЈКА

Данска ќе биде првиот ривал на македонската репрезентација, на 33-то Европско првенство (ЕП), в година, во групата Ц, чиј домаќин ќе биде Македонија, објави Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Мечот е закажан за 30 август, во Скопје. ЕП 2023 ќе се игра и во Италија (група А), Бугарија (група Б) и во Израел (група Д). Според распоредот, следните мечеви на Македонија во групата Ц се дуелите со Црна Гора (2 септември), потоа со актуелниот светски вицешампион Полска (3 септември), Холандија (5 септември) и со Чешка (6 септември).
Најдобрите четири репрезентации од секоја од четирите групи продолжуваат во осминафиналето, а четирите селекции од групата во Скопје ќе играат во Бари (Италија), каде што на програмата се и две четвртфинални средби. Полуфиналињата и финалето треба да се играат во Болоња. За Македонија тоа ќе биде трето учество на континенталните првенства, по настапите во 2019-та (17-то место) и во 2021 година (23-то место).
Полска е освојувач на златни медали на трите најголеми првенства (на Летните олимписки игри во 1976 година, на светските првенства во 1974, 2014 и во 2018 година и на ЕП пред 13 години), на СП годинава загуби во финалето од Италија, а на претходните две ЕП ги освои бронзените медали. Холандија на ЕП 2021 беше петта, а на СП годинава десетта. Чешка на ЕП 2019 играше во осминафиналето, а две години подоцна беше четвртфиналист на шампионатот на кој беше еден од кодомаќините. Црна Гора на двете претходни европски првенства се пласира веднаш зад Македонија. Со Данска, македонската репрезентација играше во финалето на Сребрената европска лига во 2021 година, а и во групната фаза таа сезона, но и во 2014 година, 2015-та, 2016-та, 2017 година… Данска не играше на претходните две ЕП.


ПРВО КОЛО НА ЕП 2023 ВО ОДБОЈКА ЗА МАЖИ

ГРУПА А: Белгија – Италија, Германија – Естонија, Швајцарија – Србија
ГРУПА Б: Шпанија – Бугарија, Словенија – Украина, Финска – Хрватска
ГРУПА Ц: Македонија – Данска, Црна Гора – Холандија, Полска – Чешка
ГРУПА Д: Грција – Израел, Турција – Франција, Романија – Португалија