Португалија, Шпанија и Грција ги пречекуваат енергетските мигранти со ветувања за топло време и ниски сметки

Кризата со животните трошоци принуди многумина од Северна Европа да се преселат привремено во потоплите краишта

Софтверскиот програмер Виктор Вармалов секое утро се пријавува за работа на сончевиот шпански остров во близината на африканскиот брег. Можноста за високи сметки за греење и острата зима, засилена со конфликтот во Украина, го натераа да го напушти својот втор дом во Полска. Меѓутоа, тој не е единствениот во потрага по потопол и поевтин начин на живот, имајќи предвид дека туристичките агенции низ Јужна Европа ја искористија кризата на животните трошоци за да ги рекламираат придобивките од презимување во странство за оние што живеат во посеверните земји. Заедно со својата сопруга и ќерката тинејџерка, Вармалов (50) пред два месеца се пресели од полскиот балтички брег во Гран Канарија на Канарските Острови, кои имаат статус на автономна област на Шпанија. Неговото семејство планира да остане таму во наредниве месеци. Вармалов, кој инаку е Русин по потекло, причината за својата одлука ја бараше во економската криза, а најмногу во украинскиот конфликт.

Избегнување рекордни енергетски трошоци со преселба во странство

Руската инвазија на Украина во август резултира со рекордни цени на енергијата. Тие сега се намалени, но голема е веројатноста да останат многу високи, а притоа доведоа и до сериозно висока инфлација.
Пред да си замине од Гдањск, каде што живеел од 2016 година, Вармалов пресметал дека месечно за кирија може да заштеди 250 евра и да плаќа само 140 евра за режиски трошоци и интернет, наместо 200 евра, кои месечно ги плаќал само за електрична енергија. Тој вели дека она што го заштедува, сега го троши на јадење по ресторани, а ужива и во прошетките низ плажата за време на паузите за ручек.
Регионалната влада на Канарските Острови, каде што просечната зимска температура е 20 Целзиусови степени, во септември поведе медиумска кампања на социјалните медиуми, за да привлече работници од странство, како што е Вармалов, и пензионери од земји како Британија, Германија и Шведска.
И други јужноевропски држави гледаат потенцијал во оваа работа. Во септември, грчкиот министер за туризам ги посети Австрија и некои земји во Северна Европа, како Шведска, за да ја претвори во нови можности оваа огромна енергетска криза што ја мачи Европа. Кампања водеше и туристичката асоцијација на Португалија, а нејзиниот прв човек, Луис Араухо, изјави дека очекувањата за зимски туристи од Северна Европа се „многу позитивни“.
Податоците од туристичките статистики говорат во прилог на неговиот оптимизам. Истражувањата водени за „Ројтерс“ покажаа дека, во споредба со лани, пребарувањата за изнајмени живеалишта од страна на државјани на Британија, Германија и Холандија за зимско сместување се зголемиле за 36 отсто во Шпанија, 13 отсто во Грција и три отсто во Португалија. Габриел Ескарер, извршен директор на шпанскиот синџир на хотели „Мелија“, изјави дека зимава луѓето резервираат апартмани за два или три месеци на Канарските Острови, истакнувајќи дека забележителен процент од нив се државјани од скандинавските земји.

Азил за зимата и по неа

И од Германија пристигнуваат посетители и поголем број постојани жители. Ова земја беше доста зависна од рускиот гас пред конфликтот во Украина и е загрижена поради можноста од зимски недостиг од енергија. Едно од училиштата во кои се запишани поголем број ученици од странство, германското училиште во Гран Канарија, годинава доби 40 апликации од странски студенти, што е поголем процент во однос на претходните години, иако не се наведуваат прецизни бројки.
„Рипипл“, здружение за работна соработка на Канарските Острови, излезе со соопштение дека капацитетите им се комплетно резервирани за ноември и 80 отсто за остатокот од зимава. Меѓу клиентите на „Рипипл“ е и 31-годишниот германски хонорарец Хеико Шефер, кој планира да остане до Божиќ. Регионалната канцеларија за туризам објави дека авиокомпаниите ќе го зголемат бројот на седишта за лет до Канарските Острови за 31 отсто. Од „ТУИ флај“, водечката авиокомпанија што оперира меѓу Германија и Канарските Острови, изјавија дека ќе го зголемат бројот на летови за 10 отсто, додавајќи дека енергетските трошоци претставуваат „психолошки елемент“, кој „турка“ сè повеќе луѓе кон југ. „Ер-би-ен-би“, фирмата што се занимава со краткорочно изнајмување, соопшти дека во периодот април – јуни, онлајн пребарувањата за зимски престој во Јужна Европа биле тројно зголемени.

„Заглавени“ дома или трајна преселба

Сепак, упатувањето кон југот на Европа за повеќето Северноевропејци е само сон, во период кога порастот на животните трошоци значи дека не можат да си го дозволат луксузот наречен патување. Наместо тоа, тие прават резерви од производи за затоплување, како што се дебели јоргани, шпорети за експресно готвење и електрични ќебиња, покажуваат потрошувачките статистики во Британија. Од друга страна, некои други се решаваат за трајна преселба.
Наташа Калдеирас и нејзиното семејство од Кент, Јужна Англија, донесоа одлука токму пред доаѓањето на Божиќ да се преселат во родната земја на нејзиниот сопруг, Португалија. Тие велат дека главен мотив за ова биле цените на енергијата. Калдеирас верува дека потоплото време ќе им дозволи помалку да ги користат греалките одошто во Британија, во која нивните месечни сметки изнесуваат околу 231 евро и се очекува уште да растат.
Мурат Чоскун, извршен директор во компанијата за недвижен имот „Гет пропертис“, изјави дека кризата на трошоците за животот „го засилува трендот“ кај Британците за одлуки дека е „време да заминат“ во потоплите краишта на Европа.