Фото: МИА

Секоја од надлежните институции во државата во рамки на своите ингеренции мора да ги развива капацитетите согласно дефинираните приоритети во Националната стратегија за сајбер-безбедност и акцискиот план, а државата мора да пронајде начин за зголемување на буџетот поврзан со зајакнување на капацитетите во делот на сајбер безбедноста, истакнува во интервју за МИА деканот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”, полковник Митко Богдановски, кој е и експерт во областа на сајбер безбедноста.

Тој потенцира дека голем дел од активностите планирани во Стратегијата и акцискиот план за сајбер безбедност 2018-2022, вклучително и оние кои се издвоени како најприоритетни, не се во целост спроведени.

Деканот, во интервјуто за МИА, осврнувајќи се на најприоритетните чекори што мора да се преземат со цел зголемување на сајбер-безедноста во земјава, нагласува дека е потребно да се формира тело со оперативни капацитети кое ќе биде лесно препознаено од целото општество како институција задолжена за справување со предизвиците во сајбер-просторот. Според него, тоа мора да биде институција чија единствена цел ќе биде нудење услуги од областа на сајбер-безбедноста.

Како што оценува Богдановски, приоритетно е да се усвои и законска рамка поврзана со сајбер безбедноста. Додава дека веднаш по усвојувањето на Стратегијата, напишан е таков закон и дека истиот осамнал на платформата ЕНЕР, но сè уште не е усвоен.

Според деканот на Воена академија, потребно е дефинирање на критичната информациска инфраструктура. Богдановски нагласува дека дигитализацијата и сè поголемата примена на новите технологии можат дополнително да ја зголемат ранливоста на државата, особено ако не се преземат соодветни мерки за заштита. Вели не сите институции имаат ист капацитет за справување со сајбер напади.