Тони Лазов

Задоволен сум од прикажаната игра, во која не доживеав ниту еден пораз. Ова за мене е прва титула и, секако, нов стимул во понатамошните настапи на турнири што следуваат, ни изјави Лазов

ШАХ – ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

Интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов (2.358 рејтинг-поени, рангиран четврти пред почетокот на турнирот) и женскиот интернационален мајстор (ЖИМ) Габриела Коскоска (1.993, рангирана прва), и двајцата членови на најтрофејниот македонски клуб Алкалоид, се новите шаховски шампиони на Македонија за годинава во машка, односно во женска конкуренција.
Тоа е епилогот по деветте одиграни кола со стандардно темпо на размислување на првенствата одржани во Скопје. Кај мажите настапија 67 учесници (четири ИМ и пет ФМ), се играше по швајцарски систем, со просечен рејтинг на учесниците од 1.806 поени, а кај жените настапија 10 шахистки (еден ЖИМ), се играше по Бергеров систем, со просечен рејтинг на учесничките од 1.700 поени.
Победникот кај мажите беше решен во последното коло, во кое Лазов играјќи на првата табла со бели фигури го победи младиот, 16-годишен член на Гамбит Асеко СЕЕ, Антон Златков (2.257, рангиран шести) и наедно нов ФИДЕ-мајстор (ФМ) на Македонија. Лазов освои 7,5 поени (шест победи и три ремија), нови 10,6 рејтинг-поени и парична награда од 60.000 денари. Златков е втор со седум поени (седум победи и два пораза), нови 40 рејтинг-поени и 42.000 денари, а трет е членот на Гамбит Асеко СЕЕ, ИМ Никола Николовски (2.381, рангиран прв) со седум поени, кој ја освои наградата од 32.000 денари. ИМ Филип Панчевски (2.432, рангиран прв), кој беше шампион во 2022 година, е на 11-то место со 5,5 поени.
– Задоволен сум од прикажаната игра, во која не доживеав ниту еден пораз. Ова за мене е прва титула и, секако, нов стимул во понатамошните настапи на турнири што следуваат. Најтешка ми беше, секако, последната партија, против Златков, оти таа претставуваше и директен дуел за првото место – ни изјави Лазов.

Габриела Коскоска

Кај шахистките Коскоска освои осум поени (седум победи и две ремија) и парична награда од 26.000 денари, пред Леа Евтовска (1.797, рангирана петта) со 7,5 поени и нови 37,8 рејтинг-поени, трета е Моника Жежовска (1.868, рангирана трета) и нови 27,2 рејтинг-поени, а четврта е Драгана Николовска (1.905, рангирана втора), со шест поени.
Минатогодишните прваци на Македонија, велемајсторот (ВМ) Звонко Станојоски и ЖФМ Моника Стојковска, членови на ШК Алкалоид, не ги бранеа титулите на годинашниве првенства.
Позначајни резултати, 9. коло, опен: ИМ Тони Лазов – Антон Златков 1-0, ИМ Никола Николовски – ИМ Филип Панчевски 1-0, Филип Михов – ИМ Емил Ристески реми, ФМ Андреј Велјаноски – Дејан Јанков реми, Зоран Танчев – ФМ Александар Кралевски 1-0, ФМ Дејан Динев – Петре Михајловски 1-0 итн. Табела: Лазов 7,5 поени, Златков и Николовски по седум, Ристески 6,5, Михов, Велјаноски Велески, Динев, Танчев и Јанков сите со по шест, Панчевски 5,5 итн.
Позначајни резултати, 9. коло, жени: Кајла Брнс – Моника Жежовска 0-1, ЖИМ Габриела Коскоска – Бонита Јакимова 1-0, Елисавета Брнс – Инџи Ајрадиноска 0-1, Наде Смилевска – Леа Ефтовска 0-1, Лиле Аларова – Драгана Николовска 0-1. Табела: Коскоска осум поени, Ефтовска 7,5, Жежовска седум, Николовска шест, Ајрадиноска 5,5, Е. Брнс четири, Јакимова 2,5, К. Брнс 1,5, Смилевска еден. Г.И.