Во финалниот натпревар, Хрватска славеше на дуелот со Италија. Бронзата ја освои европскиот првак Шпанија

ВАТЕРПОЛО – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО КАТАР

Во возбудлив и драматичен финален меч на Светското првенство (СП) во ватерполо во Доха (Катар), новиот светски шампион беше добиен дури по изведувањето петерци, а трофејот го освои Хрватска, која ја победи Италија со 4-2. За Хрватска ова е трета титула, по таа во Мелбурн (2007 година) и во Будимпешта (2017-та). Италија досега четири пати беше светски првак (1978, 1994, 2011 и 2019 година). На Европското првенство во јануари годинава, на кое титулата ја освои Шпанија, Хрватска беше втора, а Италија трета.
По регуларниот дел во изедначениот финален натпревар на СП 2024, во кој ниту една репрезентација немаше предност од два гола, резултатот беше 11-11 (2-3, 3-2, 3-2, 3-4). Хрватите до изведувањето на пеналите дојдоа со голот на Рино Буриќ, постигнат на пет секунди пред истекот на регуларниот дел. Во хрватскиот тим најефикасен беше Константин Харков, со четири гола, Јерко Мариниќ постигна три, Буриќ два погодока, а кај Италијанците Андреа Фондели постигна пет гола, Франческо ди Фулвио и Николас Прешути по два…
Хрватска и во полуфиналето славеше на петерци, на дуелот со Франција, најпријатното изненадување на СП 2024. Бронзениот медал ѝ припадна на Шпанија, која во дуелот за третото место ја победи Франција со 14-10 (4-1, 5-3, 2-2, 3-4). Ова е десетти медал за Шпанија на светските првенства, четврти во низа, трет бронзен, а го повтори успехот од лани на СП во Јапонија. Во мечот за петтото место Грција ја совлада Србијa (15-11). Најтрофејна селекција на СП е Унгарија, со по четири злата и сребра и две бронзи.
Најкорисен играч (МВП) на СП 2024 е Франческо ди Фулвио, а најдобар голман Марко дел Лунго, и двајцата од Италија. Идеалниот состав го сочинуваат: Марко дел Лунго (Италија), Константинос Какарис (Грција), Франческо ди Фулвио (Италија), Алваро Гранадос (Шпанија), Константин Харков (Хрватска), Томас Верна (Франција) и Герго Заланки (Унгарија). Најдобар стрелец на турнирот е Французинот Том Верну. Г.И.


Осма титула за ватерполистките на САД

Ватерполистките на САД осми пат станаа светски првенки, откако во финалето на Светското првенство во Доха ја совладаа Унгарија со 8-7 (3-2, 2-2, 0-1, 3-2). Трите гола на Рејчел Фетел и двата на Меги Стивенс ги доведоа САД до конечен успех, а кај Унгарките се истакна Рита Кестељи со три погодока. Во мечот за бронзата Шпанија ја победи Грција со 10-9.